Платите може да се зголемат, но доколку се понудат квалитетни услуги, а притоа да се води сметка покачувањата да им не нанесат штета на другите, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во врска со зачестените протести и најави за нови протести за поголеми плати во здравството и судството.
„Јас и министерката за труд и социјална политика сме вклучени во речиси сите преговори со сите страни. И немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравството, притоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби и дедовци, родители, за нас самите. Немаме проблем да ги зголемиме платите и во судството и во Обвинителството ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината. Нема проблем, ќе решиме сѐ, само да не биде на штета на другите. Притоа треба да не заборавиме дека ако го зголемиме фондот за плати во здравството, во Обвинителството, во судовите, ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е, изборот е тој. Тоа се можностите“, вели вицепремиерот Битиќи.
Во петок ќе протестираат вработените од Фондот за здравствено осигурување во петок излегуваат на протест заради поголеми плати, откако во предлог-државниот буџет за 2024 година, кој помина на Влада, не предвидувал никакво покачување на плати за вработените, кои бараат зголемување од 7.500 до 10.000 денари.
„Вработените во фондот за здравствено осигурување на Р. Македонија, имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 отсто од вработените, дури ни со две нивни плати, не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48.389,00 денари. Во споредба со останатите институции, со која Фондот за здравствено осигурување, има сродна или иста дејност, вработените во Фондот за здравство, имаат од 120 до 150 евра, пониска плата за исто работно место на исто ниво. Фармацевт/доктор/стоматолог/ – чии работни задачи се контролен инспектор, имаат плата од 27.000,00 денари. Во сродни институции од здравството, платите на ваков вид вработени, се над 50.000,00 денари, велат од УПОЗ. Оттаму додаваат дека ваквата состојба, придонесува за егзодус на овој тип на вработени од Фондот. Како податок, само во Скопје, на овие работни места само пред неколку години имаше 50 вработени, а сега се 20 вработени.
Вработените од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кои ќе се приклучат на протестот на судиите и на обвинителите во петок пред Собранието, најавуваат и целосен прекин на работата доколу не им се зголемат платите. Ова пак би можело да има катастрофални последици за сите вработени – да останат без здравствено осигурување, боледувања, рефундации…
Барањата на Синдикалната организација на ФЗО се усогласување на платите согласно платите на администрацијата во Клинички центар и клиничките болници, веднаш да се формира комисија за колективен договор и тој да биде донесен до крајот на годинава и да се смени директорот на секторот за финансиски прашања Миле Сугарев.
– Да се извести министерот за здравство дека не смее и не може да потпишува колективни договори со кои им се зголемува платата на администрацијата во јавно здравствените установи без истото да важи за вработените во ФЗО, веднаш и без одлагање да се постапи согласно одлуката на ССМ за назначување на член на управен одбор во ФЗО затоа што на сегашниот му е истечен мандатот од септември 2023 година – рече претседателот на Синдикалната организација на ФЗОМ Бранко Аџигогов.