Битиќи: Странските компании и Владата имаат стабилно партнерство за работа и развој

48

Клучните иницијативи и предлози во врска со прашањата за енергетика и инфраструктура, во делот на олеснување на процедурите за поставување на фотоволтаици во големите производствени компании, беа разгледани на денешната редовна квартална работна средба на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и економскиот тим на Владата со Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

На средбата, информираат од владината прес-служба, се дискутираа разни предлози и решенија кои би влијаеле за подобрување на условите за водење на бизнис во државата, а теми на состанокот беа и царина, даноци, државна помош, пазар на труд и грижа на инвеститори.

Дел од барањата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство се однесуваа на усогласување на царинските стапки до ниво на ЕУ, за дополнителни тарифни ознаки за суровини и репроматеријали, продолжување на примената на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, превод на меѓународни стандарди за финансиско известување и ред други теми кои би ги подобриле условите за водење бизнис во државата.

-Секогаш со внимание ги слушам забелешките на инвеститорите и отворен сум за забелешки за тоа како да ги подобриме условите за работењето на компаниите. Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата од обновливи извори на енергија, што е многу значајно за нас како Влада, рече вицепремиерот Битиќи.

Присутните претставници од Асоцијацијата на странски компании го изразија нивното задоволство од соработката со државните институции, која е во интерес на економијата и на граѓаните во целина.