Бизарна трагедија на снимањето на вестернот „Rust“: Алек Болдвин на филмски сет ја убил директорката на фотографија и го ранил режисерот

1475

Бизарен инцидент се случи за време на снимањето на вестерн филмот „Rust“ (‘Рѓа) во округот Санта Фе, во Ново Мексико кога познатиот холивудскиот актер Алек Болдвин ја убил директорката на фотографија Халина Хачинс испукувајќи куршуми од реквизитерски пиштол. Во инцидентот е повреден и режисерот и сценаристот на филмот, Џоел Соуза.

Според канцеларијата на шерифот во округот Санта Фе, директорката на фотографија Халина Хачинс (42) била пренесена во болница со хеликоптер каде ѝ била констатирана смрт, а режисерот Соуза (48) со брза помош бил пренесен во Регионалниот медицински центар Christus St. Vincent’s, но детали за неговата состојба не се објавени.

„Според истражителите, се чини дека сцената што се снимала вклучувала употреба на реквизит со огнено оружје кога тоа било испразнето“, се вели во соопштението на истражните органи пренесува Си-ен-ен.

„Детективите истражуваат на кој начин и каков вид проектил бил испукан. Инцидентот се случил околу 13:50 часот, по локално време“.

Како што објавил порталот „Deadline“, инцидентот се случил за време на проба, а „главниот член на актерската екипа… пукнал со пиштолот несвесен дека во него има вистински куршуми“. Наводно пукањето се случило во дрвена црква, поставена како дел од сетот.

Светските медиуми објавија фотографии на кои се гледа вознемирениот Алек Болдвин како зборува на телефон на паркингот пред канцелариите на шерифот во округот Санта Фе, откако во четвртокот бил испрашуван за пукањето на филмскиот сет.

Канцеларијата на шерифот соопштила дека истрагата „останува отворена и активна“ и дека не е покренато обвинение.

„’Рѓа“ е вестерн филм сместен во 1880 година во кој главните улоги ги толкуваат Алек Болдвин (кој е и еден од продуцентите), Тревис Фимел и Френсис Фишер. Заплетот на филмот се фокусира на 13-годишно момче, оставено да се грижи за себе и за својот помлад брат по смртта на нивните родители во 1880 во Канзас. Тој бега со својот одамна отуѓен дедо и познат одметник Харланд Раст (кој го толкува Болдвин) откако е осуден на бесење за случајно убиство на локален ранчер.

На Твитер се огласи и семејството на актерот Брендон Ли, син на мајсторот за боречки вештини Брус Ли, кој на сличен начин загина за време на снимањето на филмот „Гавранот“. „Нашите срца се со семејството на Халина Хачинс и Џоел Соуза и сите вклучени во инцидентот на снимањето на филмот ‘Rust’. Никој не смее да биде убиен на филмски сет. Точка“ стои во објавата која што најверојатно ја напишала сестрата на Ли, Шенон.