Триесет и осумгодишен граѓанин на БиХ, кој живее во Швајцарија е ослободен од обвиненијата откако испушил два „џоинта“ и со нож ги нападнал сопругата и случајна минувачка.
Судот го ослободи бидејќи бил под дејство на „трева“, поради што, како што се вели, не се сеќава на ништо. Сепак, тој ќе мора да оди на лекување од зависност, пишуваат швајцарските медиуми, пренесува Index.hr.
Сè се случило во градот Солотурн во северозападна Швајцарија во февруари 2021 година. Споменатиот државјанин на БиХ се вратил од работа, а потоа испушил два џоинта. После тоа, вели, изгубил контрола над себе и не се сеќава што направил.
Имено, како што пренесуваат швајцарските медиуми, тој ненадејно ја нападнал сопругата со нож и и нанел неколку убоди во грбот. Таа успеала да побегне на улица, а тој тргнал по неа. Во моментот кога излегле на улица, случајна минувачка се обидела да ги раздвои, а мажот ја нападнал и неа – ја прободел во бутот и во главата.
Жените завршиле во болница, а повредите не биле сериозни. Сопругата не поднела кривична пријава, туку случајната минувачка. Сепак, бидејќи напаѓачот е прогласен за непресметлив, таа нема да добие никаков надомест. Напаѓачот ќе оди на лекување од зависност. Исто така, во заклучокот на судската одлука се наведува дека не било можно да се утврди намерата за убиство на жената.