Бигорски ја одбележува манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

182

Познатото македонско древно светилиште, Бигорскиот манастир, вечерва со сеноќно бдение, а утре со Света архијерејска литургија ќе ја одбележи втората манастирска слава, Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден.

-Во чест на сечесниот спомен на Рождеството на нашиот патрон и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, вечерва во Бигорската свештена Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, кое ќе започне во 20:30 часот, на кое молитвено ќе претстои Неговото преосвештенство, епископот Антаниски и игумен Бигорски г. Партениј, изјави за МИА отец Кирил.

Утре, на денот на славата во 08:45 часот, додаде тој, ќе биде пречекан нашиот почитуван надлежен владика, неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј и почитуваниот митрополит тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Светата архиерејска Литургија ќе започне во 9 часот и со неа ќе чиноначалствува високопреосвештениот митрополит г. Тимотеј во сослужение со високопреосвештениот митрополит г. Јосиф и со старецот и игумен г. Партениј.

-За време на Божествената Литургија нашиот собрат, манастирскиот економ, јеромонах Доситеј, ќе биде ракопроизведен во почесното архимандритско достоинство, со право да носи надграден крст. Исто така, во текот на богослужбата нашиот собрат, јероѓакон Анатолиј, ќе биде ракоположен во свештениот јеромонашки чин, информираше отец Кирил.

Посочи дека поради постојната пандемија на Ковид-19, а согласно мерките и препораките на Министерството за здравство, како и на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, празникот на Рождеството на Свети Јован крстител во Бигорскиот Манастир, ќе се празнува со строго почитување на предвидениот протокол за заштита, односно со држење на соодветно растојание и носење заштитни маски.

Првата слава на манстрот отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован е на 11 септември.

Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и минатата година го одблежа големот јубилеј 1000 години од основањето.