Бигорски е нашиот победник над времето и вековите

“Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, нашата гордост што трае, зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас, во наш најдобар црковен репрезент...“, додаде меѓу другото во пригодното слово кон присутните г.г. Стефан на централната манифестација за одбележување на 1000 години од основањето на духовниот центар, Бигорскиот манастир. Претседателот Пендаровски, пак, кој е и покровител на настанот, пак, посочи дека токму овој јубилеј нè поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме...

339

“Бигорски постоел, постои и ќе постои за верниот народ како што и верниот народ постоел, постои и ќе постои за ова благословено место. Бигорски сам по себе е нераскинливо ткиво на дела и делатели, на посветени богољупци кои твореле и творат свештена историја, историја на спасението. А тоа делување е исполнето со благодата на светиот дух и затоа е запишано до неизбришливи букви и во меморијата на луѓето, но и на страниците на историјата, и црковната и националната. Зашто, впрочем, само животот и делото, што се производ на постојаната вера, оставаат белег, поттикнуваат на промена, создаваат духовност, се препознаваат како вистински систем на вредности кој треба да се поседува и живее…“, истакна вчера неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на централната прослава за одбележување на 1000 години од основањето на духовниот центар, Бигорски манастир. Тој додаде дека Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, нашата гордост што трае зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас во наш најдобар црковен репрезент…

“Ако само за момент се навратиме на историските случувања, од 11 век до денес нема ниту едно раздобје во кое овој духовен центар во поголема или помала мера не е присутен и активен со својот придонес и со тоа се оправдува заклучокот дека уште во своето основање манастирот како да бил благословен да биде нешто големо и значајно, а тоа се провејува и покажува на дело до ден-денес. Во минатото претрпел многу премрежија, достигнувал слава, но и падови, бил уриван и опустошуван, бил сардисуван и ограбуван, осиромашувал и останувал без монаштво. Сепак, и во тие како и во своите славни времиња, овој монашки центар бил искра на надежта за македонскиот народ во многу погледи, и културно и политички и економски и пред сè духовно. Како што е денес и дај боже и утре и до крајот на вековите…“, додаде меѓу другото во пригодното слово кон присутните г.г. Стефан, кој претходно на ова достојно одбележување чиноначалствуваше со божествена архијерејска литургија во сослужение со своите собраќа од Светиот синод на МПЦ-ОА. На г.г. Стефан му беше врачено и највисокото милениумско признание на Бигорскиот манастир – лента со ѕвезда со ликот на чесниот Претеча.

“Токму овој јубилеј нè поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме, во потрага на материјални вредности или за покажување добрина и солидарност и кон сите оние на кои животот им станал претежок и колку секој од нас придонесува за најважната кауза – за изградбата на слободно општество на рамноправни и доблесни во кои ќе се почитува достоинството на сите. Денес на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир размислуваме како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако опстанеме со силна верба и почит и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас за кои ќе се прикажува“, порача меѓу другото во своето обраќање претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на одбележувањето.

Во продолжение, од страна на митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј беа доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Целиот настан се одвиваше во строги протоколи за заштита од ковид-19.

Завчеравечер беше отслужена и архијерејска вечерна богослужба, на која молитвено претстоеше надлежниот архиереј, неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-Кичевски, г. Тимотеј, кој во своето обраќање истакна дека илјадагодишното наследство во кое се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот.