Бесими: Ќе го ублажиме ударот на кризата, а во 2021 година очекуваме економски раст

53

Министерството за финансии интензивно работи на четвртиот пакет економски мерки за зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите, поттикнување на приватната потрошувачка и инвестициите. Во таа насока, министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата рече дека ќе се дизајнираат нови и ќе се подобрат постојните антикризни мерки кој дадоа ефект.

Тој додаде дека нема да биде лесно поради сериозноста на состојбата и големата неизвесност од корона епидемијата, но има решение и очекува дека ќе се реализираат буџетските приходи и преку мерките да се ублажи негативниот ефект на кризата, а во 2021 година очекува да имаме и економски раст.

Бесими најави дека ќе се заложи за враќање на патот на економски раст и отворање нови работни места.

– Неизвесноста е голема, има пад од 12,7 отсто на БДП до крајот на вториот квартал од годинава, а јавниот долг е искачен на 59,5 отсто. Сепак, граѓаните ќе бидат заштитени, бидејќи имаме нови мерки за одржлив раст, изјави Бесими.

Министерот додаде дека силите ќе бидат насочени кон намалување на ударот од кризата и подобрување на економијата.

-Наша цел е да ја подобриме економијата во третиот и четвртиот квартал од годината. Во 2021 година очекуваме заживување на економската активност на среден рок како резултат на раст на надворешната потрошувачка и извозот. На долг рок очекуваме зголемување на економскиот раст и животниот стандард на граѓаните, изјави министерот Бесими.

Ова се цели на кој заедно со стопанските комори и другите економски чинители посветено ќе работиме во наредниот период.

– Ќе работиме да ја вратиме економијата на раст од 4 отсто, како и на обезбедување повисока просечна плата за 20 до 30 отсто од моменталната. Ќе се заложиме да не расте невработеноста, напротив ќе ја намалуваме за 3 отсто на годишно ниво, подвлече првиот човек на Министерството за финансии.

Бесими најави и изработка на нов Закон за ДДВ, со кој ќе им се дадат бенефиции на извозно ориентираните компании и поактивно привлекување странски директни инвестиции.