„Бесачи“ – прва премиера во новата сезона на МНТ

147

Претставата, што ќе се изведе на големата сцена на Македонскиот народен театар, на 24 септември, во 20 часот, е според текстот на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона -„Hangmen“ од 2015 година. „Основната причина што текстот ‘Бесачи‘ го поставувам на сцената на МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Друга, многу важна мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста“, посочува режисерот Грдев

„Бесачи“ – претставата која ја подготвува бугарскиот режисер Јавор Грдев ќе биде првата премиера во новата сезона на Македонскиот народен театар.

Претставата, што премиерно ќе се изведе на големата сцена на МНТ, на 24 септември, во 20 часот, е според текстот на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона -„Hangmen“ од 2015 година. „Авторот на текстот, Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. ‘Сакатиот од Инишман’, ‘Поручникот од Инишмор’, ‘Човек перница’, ‘Убавицата од Линејн’, а за неколку од нив е и номиниран на престижните награди ‘Тони’ и ‘Лоренс Оливие’. Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите: ‘Six-Shooter’, ‘Во Бриж’ и ‘Седум психопати’“, посочуваат од МНТ.

За бугарскиот режисер Јавор Грдев, пак, ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери, а досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и добитник е на повеќе од 45 награди.

Грдев го одбира текстот „Бесачи“, кој за првпат ќе биде поставен пред македонската публика. „Основната причина што текстот ‘Бесачи‘ го поставувам на сцената на Македонскиот народен театар е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам во предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги имам сите можности за поставување на таков голем проект. Друга, многу важна, мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата“, објаснува режисерот Грдев.

Во претставата играат: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

Никола Ристановски, кој ја толкува улогата на Хари, неодамна за српски медиум посочи дека претставата е „многу возбудлива, особено жанровски, бидејќи се занимава со т.н. мал човек“.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот на Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, а композитор на музиката е Калин Николов.

Македонскиот народен театар од утре (11 септември) ја почнува новата театарска сезона, а на репертоарот е „Не се клади на Енглези“ на режисерот Синиша Евтимов, која ќе биде изведена и на 16 септември. Овој месец на репертоарот на МНТ се и двете премиери од првата половина од оваа година – „Макбет“ и „Мој термин“.