Берлин за, Париз против – може ли да се укине ветото во ЕУ?

Засега не постои расположение за укинување на ветото за проширување на Европската Унија, особено кај некои држави членки, како на пример Франција. Меѓутоа, значајно е што ова прашање се поставува повисоко на агендата од влијателна држава членка како што е Германија, така што е можно, при промена на политичките услови во Унијата, да има и менување на ставот за ова прашање, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика во изјава за весникот ВЕЧЕР. Таа ги потенцира и обидите за средно решение, односно сите одлуки во текот на пристапувањето да се носат со квалификувано мнозинство, а конечната одлука со консензус, што би го олеснило процесот, но нема да спречи вето на крај

319

Германскиот канцелар Олаф Шолц не се откажува од идејата за укинување на правото на вето за земјите членки на Европската Унија и преминување на мнозински одлуки во однос на даночната и надворешната политика и проширувањето. Минатиот месец тој повторно побара ЕУ да се реформира за да се подготви за прием на нови членки. Но, ваквата идеја за укинување на ветото, која произлезе, пред сè, од рускиот напад врз Украина и серијата блокади од Унгарија за заеднички иницијативи и одлуки на Унијата, не наиде на одобрување во Брисел и кај голем број европски лидери. Сепак, поради можноста Берлин со своето влијание да издејствува укинување на ветото, алатка поради која Македонија со децении, прво од Грција, а сега и од Бугарија е спречена на својот пат кон Европската Унија, оваа тема е големо значење за земјава.

Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, засега не постои расположение за укинување на ветото за проширувањето, особено кај некои држави членки, како на пример Франција. Меѓутоа, значајно е што ова прашање се поставува повисоко на агендата од влијателна држава членка како што е Германија, така што е можно, при промена на политичките услови во Унијата, да има и менување на ставот за ова прашање. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Ристевска-Јорданова ги потенцира и обидите за средно решение, односно сите одлуки во текот на пристапувањето да се носат со квалификувано мнозинство, а конечната одлука со консензус, што би го олеснило процесот, но нема да спречи вето на крај.

-Ова е тема за која подолго време се дискутира во рамките на Унијата. Досегашните предлози беа прилично воздржани и предлагаа укинување на консензусот во заедничката надворешна и безбедносна политика за други прашања, но не и за проширувањето. Дури и предлозите од Конференцијата за иднината на Европа, од мај годинава, кои се поамбициозни не го опфаќаа приемот на новите членки. Кризата во Украина ја поттикна расправата за ова прашање, бидејќи се согледа дека ветувањата што ги дава Унијата на државите кандидати нема да можат да се исполнат под сегашните услови. Главен пропонент е Германија. Има и обиди да се предложи средно решение – на пример сите одлуки во текот на пристапувањето да се донесуваат со квалификувано мнозинство, а конечната одлука да се донесува со консензус, што можеби ќе го олесни процесот, не нема да спречи вето на неговиот крај. Засега не постои расположение за укинување на ветото за проширувањето, особено кај некои држави членки, како на пример Франција. Меѓутоа, значајно е што ова прашање се поставува повисоко на агендата од влијателна држава членка како што е Германија, така што е можно, при промена на политичките услови во Унијата, да има и менување на ставот за ова прашање, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, Малинка Ристевска- Јорданова од Институтот за европска политика.

Минатиот месец, германскиот канцелар Олаф Шолц од Прага ја изрази својата поддршка за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и перспективно со Грузија. Шолц порача дека за да може Унијата да прими нови членки, таа прво мора да спроведе сериозни реформи и треба да се укине правото на вето при гласањето во рамките на ЕУ, имајќи предвид дека во моментов секоја членка на блокот може да стави вето на приемот на земја кандидат.

-ЕУ мора да се реформира пред да стане Унија со 30 или со 36 земји членки. Таму каде што денес е потребна едногласност, ризикот дека една држава ќе употреби вето и ќе ги спречи сите други да напредуваат се зголемува со секоја дополнителна членка, посочи германскиот канцелар, упатувајќи повик до ЕУ да се сврти кон мнозинско гласање и во областите како оданочување и надворешна политика.

Претходно и шефот на германската дипломатија Хајко Мас порача дека ЕУ не може да биде заложник на поединечни земји членки и побара Европската Унија да го укине правото на вето на земјите членки кога станува збор за надворешно-политички одлуки.

 -Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета. Затоа кажувам многу отворено, ветото мора да замине, дури и ако тоа значи дека можеме да бидеме надгласани, порача Мас уште минатата година, најверојатно испровоциран од Унгарија, која тогаш блокираше повеќе заеднички изјави на ЕУ за прашања од надворешната и безбедносната политика.

Но, ваквата германска иницијатива наиде на скепса во Брисел. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, тогаш порача дека влијанието во светот е поголемо кога одлуките се носат едногласно од сите членки на ЕУ. (В.С.Н.)