Бербок: Демократските земји треба да ја поддржат Украина, Путин им се заканува и ним

105

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Германија и нејзините партнери треба да продолжат да ја поддржуваат Украина, бидејќи, како што наведе, целта на рускиот претседател Владимир Путин не е само Украина, туку и целиот демократски систем.

„Мораме да продолжиме да ја поддржуваме Украина во нејзината одбрана и во исто време да ја направиме нашата земја поотпорна и способна да се брани. Ова вклучува распоредување оружје на германска територија“, рече Бербок на отворањето на конференцијата на шефовите на германските дипломатски претставништва во странство, се вели во соопштението на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на таа земја, пренесува Танјуг.

Таа истакна дека за време на неговиот петти мандат како претседател на Русија, Путин „ќе направи се за да обезбеди и гарантира постоење на неговиот авторитарен режим во иднина, вклучително и конфронтација со колективниот Запад“.

„Денес Путин ја води најголемата агресивна војна од 1945 година и ја турка својата земја уште подлабоко во тоталитаризам. За прв пат од почетокот на 2000-тите, во светот има повеќе автократии отколку демократии“, рече Бербок, посочувајќи на други предизвици како што се тероризмот, дезинформациите, климатската криза итн.

Според неа, Путин не ја нападнал само Украина, тој сака да ги уништи врските меѓу земјите, партнерствата, но, како што оценила, Европа и покрај тоа успеала да се обедини.

„Буквално преку ноќ ги замрзнавме средствата на руската централна банка… Викендот на 27-28 февруари (2022 година), претставниците на ЕУ седнаа и знаеја дека ако санкциите не стапат на сила во понеделник наутро пред отворањето на банките, Русија веднаш би го повлекла својот имот“, потсети Бербок и оцени дека Европа „може, кога сака“.

После тоа, додаде таа, беа воведени уште 14 пакети антируски санкции, „и покрај различните национални интереси, и покрај немањето консензус за многу други теми“.

„Друга тема што Русија ја инструментализира за да ги унапреди своите интереси е колонијалната историја на Европа во Африка. Тоа го прави Русија, која води длабоко империјалистичка војна. Ни треба Африканците да ни веруваат повеќе отколку на руските наративи“, заклучи шефот на германската дипломатија.