Берачите од Албанија ќе можат да дојдат без ПЦР тест, овоштарите исплашени поради ширење на ковид-19

Овоштарите од Преспа на кои им се неопходни албанските берачи се плашат да ги ангажираат поради ковид-19. Велат дека поголемиот дел од берачите од Албанија кои доаѓаат во Ресен сами си наоѓаат сместување, но се сместуваат во групи што претставува опасност од ширење на заразата. Дневницата за берба годинава изнесува 1.200 денари, што за овоштарите не е многу висока, но ако на тоа се додаде три оброка, пијалак и кафе тогаш излегува дека дневницата е многу повеќе од 1.200 денари

106

Албанските берачи ќе можат да дојдат во Преспа на берба на јаболка, без ПЦР тест односно ќе бидат ослободени од почитување на антиковид мерките, одлучи Владата на последната седница. Сепак, овоштарите од Преспа на кои им се неопходни албанските берачи се плашат да ги ангажираат поради ковид-19. Велат дека поголемиот дел од берачите од Албанија кои доаѓаат во Ресен сами си наоѓаат сместување, но се сместуваат во групи што претставува опасност од ширење на заразата. Дневницата за берба годинава изнесува 1.200 денари, што за овоштарите не е многу висока, но ако на тоа се додаде три оброка, пијалак и кафе тогаш излегува дека дневницата е многу повеќе од 1.200 денари.

Поради невремето во јули родот годинава е преполовен, а откупната цена е од 12 до 17 денари за килограм во зависност од сортата е многу ниска и не ги покрива производствените трошоци, кои како и кај другите земјоделски култури така и кај овоштарството се многу зголемени. Овоштарите се надеваат на ветената помош од државата за индустриско јаболко, која според нив не треба да биде пониска од 3 денари за килограм.

-Владата дозволи влез на албанските берачи без ПЦР тест. И покрај тоа што тие ни се потребни за берба на јаболката, сепак ризикот е голем поради ширење на заразата со ковид-19, бидејќи поголем дел од албанските берачи само си наоѓаат сместување и се сместуваат во групи. Проблемот е доколку еден се зарази и останатите треба да бидат во изолација, па ќе треба бербата да се прекине, вели Менде Ивановски од Здружението на овоштари од Преспа.

Годинава за берба на јаболка се потребни околу 2.000 берачи кои ќе бидат ангажирани секојдневно 30 дена. Се очекува бербата целосно да биде завршена до 10 ноември.

Што се однесува до дневницата која изнесува 1.200 денари за овоштарите не е многу висока, но не е дефинирано дали во неа влегува сместување, храна, пијалак, кафе итн.

-Доколку има три оброка, две пијачки и две кафиња тогаш дневницата нема да биде 1.200 денари туку многу повеќе. Од друга страна, не е дефинирано колку работни часа ќе работат за таа дневница, некои работат 6 часа, некои 8 часа. Во Ресен бербата веќе почна, а некои од овоштарите веќе ги плаќаат берачите и по 1.500 денари на ден, вели Ивановски.

И другите овоштари се жалат дека дневницата е висока со оглед на ниската откупна цена на јаболката.

-Поради недостатокот од работна сила албанските берачи годинава бараат од 1.500 до 1.600 денари дневница, но голем дел од овоштарите нема да можат да ги платат поради ниската цена на јаболката. Од друга страна, поради короната некои се плашат да ги примат дома, бидејќи им нудиме сместување и храна и практично постојано сме со нив, вели Здравко Лазаревски, овоштар од Ресен.

Освен во Преспа и во Охридскиот регион се бараат берачи на јаболка. Некои од производителите од овој регион побараа помош по социјалните мрежи, а голем дел од граѓаните се интересираа за тоа колкава е дневницата, дали е платен превоз, храна… Освен албанските берачи за берба на јаболка во Ресен доаѓаат и берачи од другите градови од државата, а најмногу од Битола и од Прилеп.

(А.С.)