Бензините и дизелот повторно поскапеа, трговците во трка за профит

Трговците се правдаат дека новите повисоки цени се должат на покачувањето на цената на нафта на на светски берзи која достигна околу 78 долари за барел, на курсот на доларот, но и на нивите трошоци за набавка, транспорт и складирање на горивата

112

На бензинските пумпи во Македонија, од вчера, горивата  се точат по повисоки цени и тоа бензините за еден денар, а дизелот за два денари за литар. Трговците се правдаат дека новите повисоки цени се должат на покачувањето на цената на нафтата на светски берзи која достигна околу 78 долари за барел, на курсот на доларот, но и на нивите трошоци за набавка, транспорт и складирање на горивата.

Од  најголемиот дистрибутер на нафта и нафтени деривати во земјава, скопски Макпетрол информираат Ultra 95+ Economy се продава по цена од 72,00 денари за литар, Ultra 100 Race Pro се продава по цена од 74 денари за литар, додека
Ultra Diesel Green Power чини 66 денари за литар и  Ultra Diesel Bio Power се точи  по 67 денари за литар. Што се однесува, пак, за екстра лесното тоа се  продава по цена од 54,50 денари за литар.

Граѓаните стравуваат овие континуирани поскапувања да не ги достигнат рекордните цени на горивата од во периодот од март до април 2012 година кога малопродажните цени на бензините изнесуваа над 80 денари за литар, а на дизелот чинеше 75 денари за литар. Тогаш суровата нафта од типот „Brent“ на лондонската бера чинеше од 125 долари за барел.

Ова е втора недела како Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не ја регулира цената на нафтените деривати и за краток рок на пазарот на нафтени деривати  имаме по вторпат растот на цената на горивата. Во нивната пресметка на новата цена на горивата освен цената на нафтата на светскиот пазар, се  вкалкулирани и дополнителните трошоци за носење на дериватите, давачките за транспорт до пумпите и трошокот за склaдирање.

Според  Марко Бислимоски претседател на РКЕ овие цени ќе  бидат актуелни до 27 мај годинава, по што повторно Комисијата ќе ја регулира цената на горивата. Тоа значи според него дека до крајот на  работната неделава ќе се донесе новата методологија.

Со нафтените компании тие имале повеќе средби со цел да се овозможи тие да имаат разумен профит, но маржата да биде под 4,8 денари за литар, а не како што тие бараат од 6,2 до 6,5 денари за литар.

Со претставници од нафтените компании имавме средби, каде тие си ги кажаа своите барања. Ние направивме наши анализи,затоа сметам дека ако ги прифаќаме сите нивни барања тогаш нема да има потреба од Регулаторна комисија за енергетика – реагира Бислимоски.

Тој потенцира дека се готви методологија што ќе им овозможи и на трговците да остваруваат разумни профити.

Со методологијата им гарантираме  на компаниите да остварат профит, но профитите во енергетскиот сектор се екстремно пониски во однос на профитите на компаниите од телекомуникацискиот сектор – дополни  Бислимоски.

Новата методологија  во пресметката вклучува и транспортни трошоци,а маржата за нив  исто така треба да се прецизираат во разговорите меѓу РКЕ и компаниите од овој сектор.

(В.Ма.)