„Што да се каже пред вратата на рајот, на што се сеќававме од нашиот живот? Што е она толку битно што се случило, а кое вреди да се памети. Можеби, или сосема сигурно, тоа е еден миг од животот, еден сон…“.
На малата сцена на Македонскиот народен театар е одиграна претставата „Бели ноќи“, според делото на Ф.М. Достоевски, а во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Премиерата на оваа дуодрама, во која главните улоги, поточно улогите на двајца млади уметници сонувачи, ги одиграа Дамјан Цветановски и Ана Јовановска, публиката имаше можност да ја види вчеравечер на 17 октомври, а веќе вечерва (18 октомври) ќе може да се проследи и првата реприза.
Белите ноќи во Петербург, двајца млади сонувачи и еден миг на среќа, доволно вреден да остане запаметен за цел живот… Заробени со своите реални животи, тие се сретнуваат, и токму тие вечерни средби во кои ги откриваат сите свои надежи, своите тајни, своите мечтаења, прават Белите ноќи да добијат своја боја, свој звук и ехо… Сонувачот, кој е и вистински уметник и за кого светот на музиката е целиот негов живот, го отвора прашањето за љубовта и за тоа како таа според него треба да изгледа. Заедно со осумнаесетгодишната Настењка, која сака да танцува, но која целиот свој живот е врзана за својата баба и изложена на многу забрани, почнуваат да сонуваат за идеалната љубов, за тоа како треба да изгледа заедничкиот живот, за разбирањето…
Но, соништата се едно, а вистинскиот животот нешто сосема друго…
Сонувачот останува да сонува сам, бидејќи неговата тукушто стекната љубов решава сепак да ја продолжи долгогодишната врска која беше прекината и која ниту оддалеку не е идеална, но сепак завршува со понуда за брак која е прифатена.
Останува прашањето колку од нас имаме храброст да го следиме сонот, па дури тој да трае и само еден миг.
Токму тој краток миг на среќа меѓу двајца сонувачи, но и сета тага и надежите вткаени во текот на нивните разговори кои започнаа со една сосема случајна средба, беа распослани пред публиката која со бурен аплауз ја награди одличната игра на Цветановски и Јовановска.
За сценографијата која визуелно одлично го следеше текот на претставата се погрижи Мартин Манев, а музиката во претставата е на Марјан Неќак. (Д.Т.)