Белгија ќе бара објаснување од Украина: Зошто ја нападнавте Русија со нашето оружје!?

504

Официјален Брисел „во прва прилика“ ќе бара објаснувања од Украина и претседателот Володимир Зеленски за употребата на белгиско оружје во нападите врз рускиот регион Белгород, пишува локалниот весник „Ле Соар“.

Белгискиот министер за одбрана Лудивин Дедондер и министерот за надворешни работи Хаџа Лахбиб итно ќе контактираат со Украинците и ќе побараат објаснување за употребата на нивното оружје во нападите врз Русија, пренесува Ле Соар.

Во Брисел за весникот нагласуваат дека целото белгиско оружје било испратено во Украина со цел да се одбрани украинското население и територија, а не да се напаѓа Русија.

Претходно оваа недела, Вашингтон пост објави дека „партизаните“ кои го нападнаа регионот Белгород користеле возила и оружје од САД, Полска, Чешка и Белгија.

Конкретно, во нападите се користени белгиски и чешки пушки, како и противтенковско оружје од американско потекло. Според очевидци од Украина, а како што пишува московски РИА Новости, „терористите“ користат чешки автомати BREN и американски автомати SCAR .

Брисел претходно објави дека ја вооружил Украина со јуришни пушки SCAR од американско производство и американски ракети воздух-воздух АИМ-120. Дополнително, во Украина беа испратени и лансери М72, пишува Тпортал.

Да потсетиме, од крајот на мај во руската област Белгород се водат  тешки борби меѓу руските сили од една страна и „партизаните“ и „ослободителите“ од другата страна.