Белгиска студија покажа врска меѓу финансиската состојба и споделувањето податоци за Ковид19

26

Студија на Универзитетот во Антверпен покажува дека постои поврзаност помеѓу финансиската состојба во која се наоѓаат граѓаните позитивни на Ковид-19 и нивното прифаќање да споделат информации со властите за следење на нивните контакти, јави дописничката на МИА од Брисел.

Белгија, како и бројни други држави, се соочува со предизвикот да воспостави доверба кај граѓаните за таканаречениот „трејсинг“ или следење на контактите на лицата позитивни на Ковид-19, посебно со оглед на тоа што Белгија не располага со мобилна апликација.
Според универзитетското истражување, триесет отсто од луѓето кои се наоѓаат во тешка финансиска состојба не сакаат да ги споделат нивните професионални контакти со властите и покрај сите гаранции за почитување на приватноста, објаснува Томас Нејсенс кој учествувал во студијата.

Една четвртина од овие лица одбива да дадат имиња и броеви на нивните пријатели, роднини и партнери, додека пак кај побогатиот слој граѓани оваа бројка паѓа под десет отсто.

Студијата утврдува и дека жените малку полесно ги споделуваат своите контакти со властите отколку мажите: половина од жените прифаќаат да кажат со кого поминале повеќе од петнаесет минути во последниот период, наспроти 35 отсто од мажите.

Извор:МИА