Бев на психијатар пред ОИ, не требаше да одам во Токио

43

Една од најдобрите гимнастичарки во овој спорт, Американката Симон Бајлс, истакна дека требала да се откаже од натпреварувањето уште пред Олимписките игри во Токио, откако се повлече од пет од шесте финалиња. Во изјава за „Њујорк магазин“, 24-годишната Бајлс изјави дека не требала да се приклучи на олимпискиот тим, „по се што преживеала во последните седум години“.

Во 2018 година, четирикратната олимписка шампионка зборуваше за злоупотребата што ја доживеала од поранешниот спортски лекар, Лери Насар.

  • Тоа беше премногу. Но, не сакав да му дозволам да ми одземе нешто на кое работев од својата шестгодишна возраст. Не му дозволив да ми ја одземе таа радост. Затоа го потиснував се додека мојот ум и тело го дозволија тоа, истакна Бајлс.

Насар (58) призна дека со години ја злоупотребувал една од најдобрите американски гимнастичарки, па за тоа беше осуден во 2018 година на 40 до 175 години затвор. Ова беше втора повеќегодишна затворска казна за Насар, откако беше осуден на 60 години затвор за детска порнографија.

Бајлс се повлече од петте олимписки финалиња во Токио, објаснувајќи дека и е нарушено менталното здравје. Таа се натпреваруваше само на греда, каде освои бронза. Исто така гимнастичарката откри дека била кај психотерапевт пред Олимписките игри и дека вознемиреноста настанала кога пристигнала во Токио, делумно поради ограничувањата поврзани со коронавирусот, поради што семејствата и навивачите не можеле да присуствуваат на натпреварите.

  • Како што се ближеше натпреварувањето, така станував се понервозна. Немав толку самодоверба колку што ми требаше после толку тренинзи што ги имавме, изјави Бајлс.

Таа, исто така, посочи дека чувствува дополнителен притисок поради бојата на кожата.

  • Како црнкинки, мора да бидеме уште подобри, бидејќи и кога рушиме рекорди и други работи, тие речиси го намалуваат интензитетот, како да е нормално, вели освојувачката на 19 златни медали на светските првенства.