Брисел препорача замрзнување на повеќе од 13 милијарди евра наменети за Унгарија

62

Европската комисија денеска препорача да се замрзнат 7,5 милијарди евра од кохезионите фондови наменети за Унгарија.

Бараат и да се замрзнат 5,8 милијарди евра од планот за обнова наменет за таа земја, додека таа не почне правилно да ги спроведува реформите во областа на правосудството и борбата против корупцијата.

Крајниот рок во кој земјите-членки на ЕУ треба да го кажат своето мислење за предлогот со квалификувано мнозинство е 19 декември.

Европската комисија оцени дека сегашните мерки на унгарската влада не се доволни во оние области за кои е загрижена Комисијата.

Европската комисија, под притисок на Европскиот парламент, им предложи на земјите-членки да суспендираат 7,5 милијарди евра од кохезионите фондови кои треба да и бидат исплатени на Унгарија од буџетот на ЕУ за 2021-2027 година.

Процедурата за заштита на буџетот на ЕУ од напади врз владеењето на правото – таканаречениот процес на „условност“ – беше започната против Унгарија во април, што е прв таков случај во ЕУ, поради систематски неправилности во јавните набавки на Унгарија и нејзините пропусти во судското гонење и борба против корупцијата.

Унгарија воведе 17 мерки за да одговори на приговорите на Брисел, вклучувајќи го и воведувањето независно тело кое треба подобро да го контролира користењето на фондовите на ЕУ.

Но, Комисијата оценува дека реформите не се спроведени на задоволително ниво до 19 ноември кога истече рокот. Комисијата го одреди тој рок во септември за да и даде шанса на Унгарија да избегне замрзнување на 7,5 милијарди евра (околу 20 отсто од средствата на ЕУ што треба да ги добие од 2021 до 2027 година).

Европската комисија, исто така, одлучи да го одобри унгарскиот план за обнова по Ковид (5,8 милијарди евра), но со 27 услови, каде се преземени 17 антикорупциски мерки, како и со реформи за подобрување на независноста на судството.

„Нема да има исплата на средства додека не се исполнат соодветно основните услови“, изјави за новинарите потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.

Европската комисија, која досега се чинеше дека има помирувачки пристап кон Унгарија, нагласувајќи го нејзиниот напредок, се чини дека конечно го зацврсти својот став.

Комисијата на крајот одлучи да застане цврсто против националистичкиот премиер Виктор Орбан, обвинет дека ја „уценувал“ од Будимпешта, блокирајќи го заедничкиот план за помош од 18 милијарди евра за Украина и воведувањето минимален данок на добивката на мултинационалните компании.

Унгарија негира дека има некаква поврзаност меѓу нејзините блокади и прашањето за европските фондови.