Фудбалерите на Челзи изборија пласман во финалниот натпревар од англискиот Лига Куп, откако го добија пенал-рулетот против градскиот ривал, тимот на Тотенхем. Регуларните 90 минути завршија со минимална предност на “сините” од 2:1, а секогаш непредвидливиот пенал-рулет се покажа како кобен за Ерик Даер и Лукас Моура, кои го промашија ударот од белата точка.
Челзи дојде во водство во 27 минута со погодокот на Н’Голо Канте, а во финишот од првото полувреме, во листата на стрелци се запиша и Еден Азар. Во 50 минута Фернандо Љоренте намали на 2:1, а Вилијан, Аспиликуета, Жоржињо и Давид Луиз, успешно го изведоа ударот од белата точка.
Наградата за најдобар фудбалер ја доби Еден Азар, кого менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, силно го критикуваше пред стартот на натпреварот дека не бил лидер и дека треба подобро да игра на зелениот терен. По дуелот на “Стемфорд Бриџ”, новинарот на Скај Спорт го праша белгискиот интернационалец дали изјавите на Италијанецот делувале екстра мотивирачки.
- Искрено, баш ми е гајле што зборува менаџерот. Јас само си ја играм мојата фудбалска игра, изјави Азар.