“Со таа песна направив земјотрес на естрадата. “Бато“ ме следи сите овие години, а песната е една, ама вредна од оние песни по кои се препознава самиот пејач. “Бато“ ми направи вистински пресврт во мојот професионален живот. Нема концерт, нема настап на кој не ја пеам!“

Секоја песна испеана од кој било пејач има своја приказна за тоа како е создадена и дали при самото создавање приказната е земена од нечија судбина или е само некоја инспирација на текстописецот. За песната “Бато“ или како што многумина ја препознаваат под насловот “Роден мој“, една од најслушаните, најпопуларните песни која во меѓувреме стана евергрин на целиот простор на поранешна Југославија, исто така има историја.                                                                                                        – Во таа песна е опеана една многу несреќна забранета љубов. Приказната е вистинска, се случила во моето родно Кичево. Родителите на девојката, некои луѓе со страшно конзервативни сфаќања и забраниле на девојката да се гледа со своето момче. Тоа траело долго време, а болката на девојката не престанала, туку била сè посилна. Само братот на тажната девојка ја поддржал својата сестра да си ја реализира љубовта.

Затоа таа на братот му се обраќа во рефренот на песната со силни емотивни зборови “Бато…“ Инаку, песната “Бато“ ми направи вистински пресврт во мојот професионален живот. Нема концерт, нема настап на кој не ја пеам. Едноставно не можам да си заминам од сцената доколку публиката не ја слушне таа песна, а ја пеат воглавно со мене, често и без мене сите онака едногласно, хорски. Да се наежиш од глетката.

Ми се случува и да заплачам додека стојам покрај микрофонот и ја слушам публиката. Со таа песна направив земјотрес на естрадата. “Бато“ ме следи сите овие години, а песната е една, ама вредна од оние песни по кои веднаш се препознава самиот пејач. Знаете кога ќе кажете на пример “Због једне дивне црне жене“, а тоа е тој Киќо Слабинац или “Пријатељи, стари гдје сте“, а тоа е таа Тереза или “Панонски морнар“, а тоа е тој Ѓорѓе Балашевиќ. Така е и со мене случајот со “Бато“, раскажа деновиве поп-дивата Калиопи која е со мали прекини на турнејата по Србија и Босна. (Д.М.)