Батлерот што им служеше на 11 претседатели во Белата куќа, почина од ковид-19

995

Вилсон Џерман, кој во Белата куќа најпрвин работел во времето на Ајзенхауер, а се пензионирал под Обама, починал од коронавирус на возраст од 91 година.

Вилсон Рузвелт Џерман работел за 11 американски претседатели во период од повеќе од пет децении. Прва која ја забележала неговата трудољубивост и благ карактер била Џеки Кенеди, додека бил чистач во Белата куќа. Првата дама го унапредила, и оттогаш работел како батлер.

Сега, по неговата смрт на 91 година од ковид-19, на него се сеќаваат и други членови на претседателските семејства, меѓу кои и Мишел Обама. Вилсон се појавува на фотографија како лифт-бој во нејзината автобиографија Becoming.

„Со неговата љубезност и грижа, Вилсон помогна Белата куќа да биде дом на првите семејства со децении, вклучително и на нашето“, изјави Мишел Обама во негов спомен.

Тој се пензионирал во 2012, а претседателот Обама тогаш му доделил неколку плакети, по една за секој претседател за кого работел. Низ годините поминал и низ тешки моменти, а како најкритичен го доживеал атентатот на претседателот Кенеди.

Некои од претседателите му биле посебно наклонети. Така, во 1966 кога сопругата на Џерман, Гледис, умирала од лупус, претседателот Линдон Џонсон ги испратил своите лекари да ја прегледаат.

Вилсон бил роден во 1929 во Северна Каролина во сиромашно семејство. Како дете немал чевли и пешачел бос 10 километри до училиште. На 12 години го прекинал школувањето и заминал во Вашингтон, каде што работел како келнер.

Подоцна се вработил во Белата куќа, позиција на која бил особено горд. Секој ден заминувал на работа совршено дотеран, со свежо исполирани чевли и прерамки. Кога непознати го прашувале каде работи, одговарал: „Авенија Пенсилванија број 1600“. Тоа е официјалната адреса на Белата куќа, која речиси никој не ја знае. Кога до допрашувале дали станува збор за магацин или некоја институција, тој само велел: „Во центар е“.

Извор: Гардијан