Барса шокирана од барањето на Јувентус

409

Каталонскиот гигант Барселона се најде во сериозни проблеми откако бразилскиот интернационалец Артур даде негативен одговор на опцијата за преселба во редовите на италијанскиот калчолигаш Јувентус. Актуелниот шампион на Шпанија сега има обврска да најде друг играч кој ќе биде прифатлива опција за челниците на „старата дама“ за да во обратната насока се упати босанскиот интернационалец Миралем Пјаниќ.

Искусниот играч за врска веќе подолг период важи за голема желба на раководните лица на Барселона. Италијанските и шпанските медиуми веќе со денови информираат дека 30-годишниот фудбалер веќе ги има договорено личните побарувања со Барса и дека ги одбил далеку побогатите понуди кои ги добил од Манчестер Јунајтед, Челзи и ПСЖ.

„РЦМ Спорт“ информира дека Јувентус ја има шокирано Барселона со своите нови побарувања. Бранителот на тронот во Серија А побара во обратната насока да се упати холандскиот интернационалец Френки де Јонг, кој беше купен минатото лето за 75 мил. евра. Истиот медиум тврди дека 23-годишниот играч за врска не бил пресреќен на „Ноу Камп“ и дека добил шанса повторно да игра со својот голем пријател Матијас де Лихт.  И каталонскиот весник „Спорт“ ја пласираше информацијата дека Јувентус е сериозно заинтересиран за услугите на поранешниот фудбалер на Ајакс.

  • Френки би требало да потпише за Јувентус. Барселона има потреба од играч каков што е Де Лихт, а не каков што е Де Јонг, изјави пред неколку недели трофејниот холандски стручњак, Луис ван Гал.

Сепак, тешко е за верување дека Барса ќе даде дозвола за трансфер на Де Јонг во редовите на Јувентус и ќе се обиде да пронајде договор со „старата дама“ околу некој друг играч.