Барокната опера со „Дидо и Енеј“ поблиску до публиката

76

Во операта главните улоги ги толкуваат македонскиот баритон Васил Гарванлиев и канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва

Во Камерната сала на Филхармонија, утревечер (19 септември) во 20 часот, во организација на Уметничкиот центар „Полифонија“, премиерно ќе биде изведена барокната опера „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл. Операта во која главните улоги ги толкуваат македонскиот баритон Васил Гарванлиев и канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва, е еден од ретките настани од ваков вид што во последниве години се случуваат на нашата музичка сцена.

Според виолинистката Сања Шуплевска од „Полифонија“ идејата за овој проект во кој се вклучени еден од најбараните барокни ансамбли –Г.А.П. од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС на „Полифонија“, произлезе по нивното гостување со концерт на барокна музика во Камерната сала на Филхармонијата минатата сезона.

“Сметајќи дека овој жанр не е доволно продуциран и застапен кај нас, овој проект е токму затоа што не само публиката, туку и нашите пејачи ќе можат да се запознаат со автентичен начин на изведба на барок. Во исто време, овој проект е и мастер класа за сите наши уметници кои се вклучени во него, а е организиран и семинар во ДМБУЦ ‘Илија Николовски-Луј’ “, вели Шуплевска.

„Дидо и Енеј“ ќе се изведе како концертна опера, нешто што е практика во светот, да се доближи оперската уметност до пошироката публика.

„Вака се претставува и квалитетот на барокната уметност и приказната на операта на нашата публика. Љубовната приказна за Дидо и Енеј во едночасовна барокна опера, е заснована врз текстовите на римскиот поет Вергилиј. Претставата, која се смета за монументално дело на барокот, раскажува за љубовта на кралицата на Картагена, Дидо кон Тројанскиот херој Енеј, нејзиниот очај кога тој ја напушта, темни ликови кои ги мразат сите што се просперитетни, актуелни митови од времето на создавање на оваа веројатно, до одреден степен алегорична опера. Во претставата се наоѓа и познатата арија Дидоновото жалење, која е една од најпопуларните лирски мелодии во оперскиот опус“, вели Шуплевска.