„Банана филм“: Ја пријавивме Агенцијата за филм за корупција, тие ни поднесоа кривична

86

„Агенцијата за филм лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на ‘Банана филм’, за да го дефокусира вниманието од нејзиното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции. Ниеден надлежен орган не утврдил неправилности во работата на ‘Банана филм’ и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против оваа продуцентска куќа. Напротив, неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски“, е демантот на „Банана филм“ на соопштението кое деновиве го испрати македонската Агенција за филм во кое пишуваше дека времено го прекинуваат постапувањето и финансирањето на проектите на оваа продукција.

Како што посочуваат од правниот тим на „Банана филм“, според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор.

„Записникот вели: ‘Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно со Законот за филмска дејност’. Да потсетиме дека инспекцијата на Министерството за култура ја разгледуваше работата на ‘Банана филм’ по барање токму на Агенцијата за филм. Филмовите на ‘Банана филм’ се резултат на меѓународни копродукции и поминуваат со позитивни оценки низ домашни и странски ревизии, како и на паневропскиот фонд „Еуримаж“, и низ инспекција на Министерството за култура. Истакнуваме дека имаме добиено и позитивен извештај токму од истата таа Агенција за сите наши филмови – ‘Мајки’ (2010), ‘Врба’ (2019) и ‘Кајмак’ (2022)“, истакнуваат од „Банана филм“.

Според нив, групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм ја пласира лагата за наводни неправилности во „Банана филм“ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси, кои се без преседан во современата македонска култура. „Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на ‘Банана филм’ за завршениот филм ‘Кајмак’, кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот ‘Биста’, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција минатата година. Лагата на Агенцијата и кривичната пријава имаат за цел и да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофалните извештаи за работата на Агенцијата“, посочуваат од правниот тим на „Банана филм“ од каде што најавуваат тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, за попречување на нивната професионална работа, но и за клевета и за замолчување на укажувачи на корупција. Го повикаа и Обвинителството да отвори истрага.