Балкански судиски лиценци за тетовските карате судии Ангела Анѓелкоска и Ветон Мурати

51

На 21-то Балканско првенство во карате за кадети, јуниори и У21 кое се одржа минатиот викенд во Риека Хрватска, националните судии Ангела Анѓелкоска и Ветон Мурати од Тетово, се стекнаа балкански лиценци за карате судии што претставува нивно напредување во судиската кариера.

Двајцата судии заедно со репрезентацијата отпатуваа на првенството на 24 ноември. Теоретскиот дел од испитот го имаа на 25 ноември, додека практично беа следени и оценувани од страна на Балканската судска комисија во текот на сите три дена додека траеше првенството.

-По стекнување на националните лиценци, добивме право да полагаме за Балканска лиценца. Тоа го остваривме на Балканското првенство за кадети, јуниори и У21 кое се одржуваше во Риека, Хрватска со што се стекнавме со балканска лиценца за линиски судија и во двете дисциплини ката и кумите, објаснува Ангела Анѓелкоска.

Во каратето постојат неколку нивоа на судиски лиценци кои треба секој судија да ги положи на национално ниво, како би можел да ги подигне своите лиценци на следни нивоа-балканска, европска и светска лиценца за судење. На национално ниво постојат две дисциплини за кои карате судиите добиваат лиценци. За ката постојат три лиценци – приправник, линиски судија и главен судија. За кумите (спортска борба) постојат пет национални судиски лиценци (приправник, линиска судија Б, линиски судија А, главен судија Б и главен судија А)

-Со овие лиценци може да се суди на официјални првенства и клупски турнири во државата, а со достигнување на овие национални лиценци се оди на следно ниво – балканска лиценца. Балканска лиценца има во две дисциплини (ката и кумите) со која се добива право да се суди на сите официјални првенства и клупски турнири организирани од страна на националните карате федерации кои се под организација на Балканската карате федерација, односно во сите земји на Балканскиот полуостров, истакна Ангела Анѓелкоска.

Ангела има 27, а Ветон 31 година. Двајцата настапувале и како каратисти, Ангела била член на КК „Илинден“-Брвеница, а Ветон во КК „Шкендија“. И двајцата биле натпреварувачи во кумите, а по завршување на спортските настапи, започнуваат судиска кариера.