Бавно оди проширувањето на бул.„Борис Трајковски“ кон Драчево

57

Бавно се одвиваат работите на проектот за проширување на булеварот „Борис Трајковски“, од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево.

Жителите реагираат и сметаат дека активностите треба да се одвиваат со забрзана динамика, со оглед на тоа што се работи за важна сообраќајна артерија  во која се влева и сообраќајот од населбите Студеничани и Зелениково. При тоа, наведуваат дека си тоа важноста на зафатот станува уште поголема.

Од Град Скопје велат дека булеварот „Борис Трајковски” е во фаза на реализација.

-Тековно се одржуваат градежните активности и се решаваат споровите по однос на експропријација – наведуваат градските власти.

Проширувањето на овој дел започна пред еден месец.

Инаку, оваа сообраќајница во должина од 2.325 метри ќе добие четири наместо две коловозни ленти, кружен тек наместо крстосницата пред мостот кај Драчево, како и нова пешачка и велосипедска патека.

Како дел од проектот се гради и нова атмосферска и фекална канализација, а се реконструира и дел од водоводната мрежа. Инаку, според Град Скопје низ овој булевар транзитираат 50.000 жители.

(А.П.)