А до Нова година само уште  два месеца, што потоа?!

Во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба, а до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата. Од Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија, Крешник Бектеши, уверуваат дека големи ценовни шокови нема да има и оти отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година. Премиерот Зоран Заев, пак, на граѓаните им вети ваучери за струја во 2022 година, кога повеќе од јасно е  дека ќе има нагорна промени на цената на струјата

208

Граѓаните не треба да стравуваат од рестрикции и од пораст на цената на струјата која ќе остане иста до Нова година! Од Владата, Регулаторна комисија за енергетика и од ЕСМ повеќе пати досега упатија смирувачки изјави дека цената на струјата ќе остане иста до крајот на годината, а после тоа, да бидеме живи, кој ќе преживее, ќе раскажува – доколку има потреба ќе се интервенира со цел да им се помогне на домаќинствата и на стопанството. Експертите повеќе пати предупредија дека ситуацијата со струјата е сериозна и оти треба да се дејствува веднаш и сега, бидејќи задоцнетите мерки може да не чинат многу, сепак од Владата сметаат дека сè уште е рано за тоа и поконкретни мерки најавуваат во 2022 година.

-Цената на струјата ќе остане иста до крајот на годината, а после тоа доколку има потреба подготвени сме да интервенираме со цел да им помогнеме и на домаќинствата и на стопанството. Граѓаните треба да знаат дека цената на струјата останува иста до крајот на годината, а ако се менува во 2022 година ние сме подготвени да помогнеме со ваучери, изјави премиерот Зоран Заев.

Нагласи дека проблемот со струјата е меѓународен и оти како Влада прават се за цената на струјата да остане стабилна. Посочи дека се активираат сите домашни ресурси за производство на електрична енергија за вкупните потреби на граѓаните. Преземени се сите активности за активирање на третиот блок на РЕК Битола со набавка на дополнителни количини јаглен, дадени се насоки да се стави во погон ТЕЦ Неготино, а за 10-15 дена се очекува да почне со работа и ТЕЦ Осломеј.

Во насока на обезбедување енергетска стабилност од пред два дена во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што беше предвидено. АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата по цена од 36 евра за мегават час, која е четири до пет пати пониска од моменталната. Што се однесува до обезбедување на струја за компаниите, од АД ЕСМ велат дека количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик, и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен.

Од Владата во повеќе наврати напомнаа дека додека трае изборниот период не може да носат мерки со кои се предвидени финансиски зафаќања од Буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите, во секој случај ќе им биде излезено во пресрет на енергетските компании со цел одржување на сигурноста со снабдување во идниот период.

Надлежните уверуваат дека прават напори да го зголемат производството и да обезбедат дополнителни количини на електрична енергија и за компаниите кои ќе го амортизираат ценовниот шок.

И министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба и оти до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

– Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шкови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари, рече Бектеши и додаде дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.

Кризна состојба во делот на енергетиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија. Во случај доколку би се прогласила кризна состојба има сет на мерки од кои некои се т.н. меки мерки, а дел се мерки кои би ги донела Владата, како што е на пример мерката кога и колку да се користи уличното осветлување.

Сепак, експертите предупредуваат дека состојбата е загрижувачка и оти мора веднаш да преземеме рестриктивни мерки и да почнеме да штедиме струја, ако не сакаме да останеме во мрак.

– Веднаш Владата да изготви генерален план за рестрикција на електрична енергија на цела територија на Македонија. Владата мора сериозно да ги земе предвид заканите од Европа и да преземе сериозни мерки и активности за да не останеме во големо црнило. Граѓаните, компаниите и општините да помогнат со штедење на електрична енергија и да се адаптираат на тоа што не очекува, велат од Стопанската комора за енергетика на Македонија.

Рестрикции на струја се една од мерките кои веќе се преземаат во Швајцарија, каде компаниите кои трошат повеќе од 100.000 киловат-часови годишно беа предупредени да ја намалат потрошувачката за 10 до 30 проценти, а во Кина компаниите веќе почнаа да штедат струја.

(А.С.)