Ајкулите го користат земјиното магнетно поле како ГПС

27

Научници од американската сојузна држава Флорида дојдоа до заклучок дека ајкулите го користат магнетното поле на Земјата како систем за водење, односно како еден вид ГПС.

Ново истражување, објавено во списанието „Карент бајолоџи“ (Curent Biology), посочува дека ајкулите имаат внатрешно чувство за навигација што им служи за точна ориентација при движење во океанот, пренесува „Гардијан“. Научниците од Државниот универзитет на Флорида, како што се наведува, изложиле 20 ајкули на вежби за „магнетно поместување“ и тие мапирале географски места стотици километри од местото каде што биле фатени.

Брајан Келер, одговорниот автор на трудот, вели дека тоа објаснува зошто ајкулите можат да патуваат преку огромни океански пространства, но секогаш се враќаат на истото место за да се хранат, размножуваат и да раѓаат.

– Веќе некое време знаеме дека ајкулите можат да го детектираат магнетното поле, но ова е првиот успешен тест што посочува дека тие, всушност, ги користат овие способности за да ја одредат нивната местоположба. Очекуваме овие способности да бидат видени и кај други видови, како што е големата бела ајкула, која мигрира и до 20.000 километри и потоа повторно се враќа на истото место, вели Келер.

Според списанието „Сајенс магазин“, при едно друго испитување, голема бела ајкула била следена на својот пат со пливање од Јужна Африка до Австралија и назад – во речиси права линија, што ги наведува научниците да веруваат дека ајкулите имаат „магнетно чувство“ за контрола и ориентација.