Ајакс е прва пречка за бранителот на тронот

20

Од сите фаворити, кога е во прашање трофејот во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, на хартија, најлесна задача во 1/8 финалната рунда би требало да има бранителот на тронот, тимот на Реал (М). Шпанскиот гигант денеска за противник ќе го има холандскиот преставник Ајакс, кој и покрај одличните игри во групната фаза, важи за апсолутен аутсајдер кога е во прашање пласманот во следната елиминациска рунда. Четата на Сантијаго Солари не знае за пораз веќе пет натпревари по ред во Примера дивизион, а најголема опасност пред противничкиот гол треба да биде Карим Бензема и неговиот партнер Винисиус Жуниор.

  • Фудбалската игра е нешто уникатно. Благодарение на неа многу соништа станале реалност. Нема ништо страшно доколку сонуваме за четврта по ред титула во Лигата на шампиони. Реал (М) го има тоа што е потребно за да повторно го освои трофејот. Сепак, прво да се фокусираме на Ајакс, кој е незгоден противник, тим составен од млади фудбалери кои се веќе светски таленти, изјави предводникот на Реал (М), Сантијаго Солари.

Ништо помалку интересен нема да биде дуелот на “Вембли”, каде лондонскиот премиерлигаш Тотенхем ќе го нагости лидерот во германската Бундес лига, тимот на Борусија од Дортмунд. Тука, фаворитската улога му е доделена на гостинот, најмногу поради фактот дека домаќинот ќе настапи без услугите на најдобрите фудбалери, Хари Кејн и Деле Али.

  • Не барам никакво алиби, но гостинот е во предност. Тие првенствениот натпревар го одиграа во сабота, а ние во недела. Предноста од 24 часа не е мала, изјави менаџерот на “петлите”, Маурицио Покетино.