АФРОДИТА СЕРАФИМОВСКА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД БИТКАТА: Општина Чаир уште не кажува кој си изградил куќа во туѓ двор на улица „Дижонска“

Објаснување од надлежните во општината Чаир сè уште не добивме, иако пред три дена, кога испративме прашања ни рекоа дека ќе ни одговорат, а од Холандската амбасада, каде што Серафимовска побарала помош како државјанка на Холандија, ни рекоа дека не коментираат за поединечни конзуларни прашања

127

Скопјанката Афродита Серафимовска, која живее во Холандија, а деновиве престојува во татковината, сè уште не може да влезе во својот дом на улицата „Дижонска“ во Чаир. Како што деновиве пишуваше весникот „Вечер“, во дворот на нејзината родна куќа, од околу 1.000 квадратни метри, непознато лице бесправно си изградило куќа во која живее и ú го оневозможува влезот во нејзиниот дом.

Серафимовска со солзи во очите се пожали дека поминува низ голгота речиси една ипол година, од моментот кога сосед од „Дижонска“ ја информирал дека во нејзиниот двор нешто се гради. За „Вечер“ таа раскажа дека досега тропнала на сите можни врати, но без резултат. Од општината Чаир, во која е надлежниот инспекторат за справување со нелегално изградените објекти, како што ни рече, дознала само дека куќата, која во секој момент може да стане повеќекатна зграда е дивоградба, но не и чија. Сè до денес од општината не добила ниту информација што ќе се преземе за таа повторно да може да располага со она што легално го поседува – куќата во која се родила и ја наследила од мајка си и нејзиниот двор. Објаснување од надлежните во општината Чаир сè уште не добивме ниту ние, иако пред три дена, кога испративме прашања ни рекоа дека ќе ни одговорат. Вчера повторно телефонски контактиравме со портпаролот Куштрим Ала, кој ни рече дека работи на тоа да ги добие одговорите, но дека во општината се многу ангажирани.

Афродита Серафимовска вели дека во два наврата како холандска државјанка се обратила и до Холандската амбасада во Скопје, првиот пат кога се соочила со проблемот и вториот деновиве, при престојот во татковината. Дали нешто ќе преземе холандската амбасада прашавме и ние, но оттаму ни одговорија дека не коментираат за поединечни прашања.

-Нашиот одговор е дека Амбасадата не коментира за поединечни конзуларни прашања, стои во писмениот одговор на нашите прашања дали имаат ингеренции да постапат во овој случај и дали досега презеле нешто.

Во меѓувреме, немоќна ниту да  дознае кој се населил во нејзиниот двор, а уште помалку да се приближи до решението, Серафимовска ги сумира информациите што ги добила од различни лица од општинската администрација и вели дека ú се ројат многу сомнежи. Откако прво ú рекле дека објектот е дивоградба што ќе се урива, потоа дека може каде сака да пријави, но дивоизградената куќа во нејзиниот двор ќе остане, а преку Холандската амбасада добила и информација дека проблемот е во тендерот за избор на фирма што ќе го урне објектот, таа се сомнева дека зад сево ова стои висок функционер од Општина Чаир и дека целта е да ја натераат да ја продаде својата куќа со остатокот од дворот.

-Немојте да ме разберете погрешно. Јас сум единствена Македонка останата таму, а сите други се Албанци. Не сакам да дискриминирам никого, јас живеам со 76 нации во Холандија и без разлика кој е и што е, јас го ценам како човек, но на обој начин јас се чувствувам дискриминирана. Тие тоа не го кажуваат јавно, но со постапките што ги прават јас се чувствувам дискриминирано, револтирано вели Афродита.

Иако ова што се случува го чувствува како притисок да крене раце од сè, а и покрај големите финансиски трошоци на кои е изложена, бидејќи често мора да  патува, да плаќа адвокат, сместување под кирија во Скопје…  таа категорично вели дека е решена да оди докрај, меѓу другото и да ги охрабри своите македонски сограѓани кои се во слична ситуација. Најавува дека е подготвена да се обрати и до Судот за човекови права во Стразбур, но и да ја тужи државата, иако е свесна дека цехот ќе го платат граѓаните.

(С.В.)