Атрактивни филмски остварувања во јуни: Доаѓаат опасните девојки, ѕверовите и тотално неверојатните…

42

Филмот “Ти бркаш“ снимен според вистинска приказна сигурно ќе го привлече вниманието на филмската публика, а почеток на неговото прикажување е 28 јуни. Годишно, по еден месец, пет пријатели кои сакаат да се натпреваруваат играат “Ти бркаш“ уште од прво одделение – ризикувајќи си ги работните места и нивните врски…

Американската комедија “Баш сум убава“ (I Feel Pretty) , со познатата актерка и комичарка Ејми Шумер, која со своите изјави и фотографии речиси секојдневно ја шокира и засмејува јавноста, на репертоарот на скопските киносали пристигна последниот ден од мај, но љубителите на седмата уметност и во јуни ќе можат да уживаат во неколку атрактивни филмови. Шумер во најновата комедија ја игра Рене Бенет, млада жена која секојдневно се бори со чувството на несигурност и недостатокот на самодоверба. Нејзината обична приказна станува несекојдневна кога повреда на главата ќе и го смени животот на потполно необичен начин…
Како тоа ќе се случи, останува на публиката да открие.

Веќе на 7 јуни македонска премиера ќе има и авантуристичкиот филм “Светот Јура: Паднатото кралство“ (Jurassic World: Fallen Kingdom). Поминаа три години откако тематскиот парк и ликсузниот ресорт Светот Јура беше уништен од диносаурусите што се ослободија. Островот Нублар сега е напуштен од луѓето додека преживеаните диносауруси се грижат за себе во џунглите. Кога вулканот на островот почнува да оживува, Овен (Крис Прат) и Клер (Брајс Далас Хауард) започнуваат акција за спасување на преостанатите диносауруси од истребување…

“Осумте на Оушн“ (Ocean’s 8) со тим на познати холивудски актерки предводени од Сандра Булок пристигнува во кината на 14 јуни, а публиката ќе ужива во добро осмислената “кражба на векот# подготвена од убавите девојки меѓу кои се и Кејт Бланшет, Ријана, Ен Хатевеј…


Омиленото семејство на суперхерои се враќа на големото платно на 21 јуни преку анимираниот “Неверојатните 2“ (The Incredibles 2), но, овој пат, Хелен е во центарот на вниманието. Таа го спасува светот оставајќи го Боб Пар (господин Неверојатен) дома со Виолет и Даш и бебето Џек-Џек, да ги поминува секојдневните херојски обврски во еден “нормален“ живот.

Филмот “Ти бркаш“ снимен според вистинска приказна сигурно ќе го привлече вниманието на филмската публика, а почеток на неговото прикажување е 28 јуни. Годишно, по еден месец, пет пријатели кои сакаат да се натпреваруваат играат “Ти бркаш“ уште од прво одделение – ризикувајќи си ги работните места и нивните врски. Оваа година, играта се совпаѓа со венчавката на нивниот единствен непобедлив играч, што треба конечно да го направи лесна мета. Но, тој знае дека доаѓаат и тој е подготвен. Врз основа на вистинска приказна, “Ти бркаш“ покажува колку далеку некои момци ќе отидат за да бидат последниот човек што останува…