Екслузивно за читателите на весникот ВЕЧЕР, астрологот Зоран Крстевски
Што нè очекува во наредниот период и какви се изгледите за иднината, со оглед на тоа дека 2021 година замина. Јупитер навлезе во знакот на Риби, Сатурн останува во знакот на Водолија. Некои нешта можеби ќе одат кон подобро, а некои нешта ќе се движат кон негативна насока.
Карактеристично за годината која замина е аспектот кој на 24 декември се случи помеѓу планетата на старото и ограничувачкото Сатурн и планетата на новото и револуционерното Уран (владее со знакот на Водолија). Судирот на овие две спротивставени космички сили може да предизвика коренити промени на глобален план кои, се надеваме, дека на крајот ќе излезат на добро. За да се роди нешто ново и подобро, старото треба да умре. Сепак, првично нештата нема да бидат најидеални, туку исполнети со многу борби, искушенија и проблеми. Затоа се препорачува во наредниот месец да не се преземаат преголеми ризици и да се сочува психофизичката енергија за искушенијата што следат. Клучно е да согледаме до кој степен ќе оди пандемијата во прогресија или, пак, ќе предизвика уште поголема криза, штета, напнатост и неизвесност поврзана со глобалните финансиски текови.
Значи, нè очекуваат некои бурни периоди и состојби на живеење исполнети со страв, стрес и неизвесност. Сатурн во Водолија влијае врз перспективата на планетата Земја, ја определува иднината и сето она што на некој начин ќе ја утврди судбината на човештвото. Водолијата е директно поврзана со глобалната тематика, со универзалните аспекти на постоењето и со хуманоста. Таа графички е прикажана како човек кој истура вода, односно истура мудрост. Оттаму, Сатурн (владее со знакот на Јарец) како планета на реализам, на одговорност, на сериозност, на длабочина, на издржливост, но и на притисок, на тежина, на искушение, на борба, на проблеми, создаде големи искушенија за жителите на планетата Земја. Токму со влијанието на Сатурн се врзува и поинтензивното ширење на пандемијата (февруари 2020 година), кога оваа планета формираше конјункција со Плутон во знакот на Јарец (последен пат се сретнале на 07.11.1982). Мошне интересно е што Плутон во астрологијата владее со микроорганизми и вируси, под негов домен се моќни мултинационални корпорации (посебно сега кога е во знакот на Јарец) исклучиво насочени кон моќ, профит и доминација, владее и со сè што е скриено, невидливо и подземно, со колективна судбина, масовна смрт и терор (Плутон е откриен кога нацистите ја зголемиле својата политичка моќ во Германија), со тоталитаризам, страв, неизвесност и блокада. Од позитивна гледна точка, Плутон владее и со регенерација, трансформација и со будење на човековите потенцијали. Тогаш кога сме отпишани на здравствен план, Плутоновата енергија може да нè спаси од тешка болест, да нè избави од опасни искушенија и да нè однесе кон повисоката димензија на постоењето. Астролошки гледано, негативниот аспект помеѓу Сатурн и Плутон предизвика човештвото да се соочи со голема тегобност, со невидлива агресија и злокобност на коронавирусот и последиците од таа пандемија сè уште ги трпиме. Сето тоа го претставува Плутон кој сè уште се наоѓа во Јарец (на кратко од 23.03.2023 ќе транзитира во соѕвездието на Водолија). Тоа значи дека короната ќе продолжи да биде вирулентна, моќна и опасна. Сатурн повеќе не е во Јарец, а кога беше во тој знак удри врз глобалната економија и стопанството. Јарецот го претставува крупниот бизнис, финансиските текови, работењето и капиталот. Голем број стопански гранки и корпоративни активности беа во застој, а мнозинството од луѓето принудени да опстојуваат во карантински услови.
Сатурн и во текот на 2022 година ќе продолжи да транзитира во Водолија, заканувајќи се и во иднина да му го донесе на човештвото тоа што го заслужува, бидејќи кај оваа планета нема награда, туку отплата на кармичките долгови и можност низ болки и страдања да се осознае лекцијата и подобри и зајакне личноста (човештвото).
Планетата на среќата Јупитер (владее со Стрелец), исто така во 2021 година транзитираше во знакот на Водолија. Тоа даде некоја противтежа нештата да не одат кон катастрофална насока, но дефинитивно Сатурн си ги бере плодовите врз основа на законот на кармата, односно причината и последицата. Мнозинството од луѓето не ги претпочитаа начелата на етиката, моралот, позитивните вредности, ниту се насочија кон заштита на екосистемот, кон сочувување на духовните вредности, туку се ориентираa кон материјализмот, себичноста, површноста, ниските страсти и кон изопачување на семејните и било какви вредности. И последиците се појавија во името на коронавирусот, кој својата сила ја црпи од човековата (колективна) слабост. Тој коронавирус дополнително ги разнебити луѓето, создавајќи им штети на психофизички план, уништувајќи го нивното здравје, доведувајќи ги пред стрес, страв, неизвесност и напаѓајќи го нивниот имунолошки систем. А кој како вложувал во себе, со каква смиреност и позитивна фокусираност бил ориентиран, тој такви шанси има за спас од наездата на негативните вибрации и за подобрување на психофизичката состојба на личноста.
Рибите владеат со скриеното, со мистичното и со потсвесното. Во потсвеста имаме благодати на позитивна вибрација, имаме способност за регенерација и трансформација, но во потсвеста имаме и некои стравови, некои ограничувања кои ги потиснуваме и со кои не сакаме да се соочиме. Токму Јупитер на 29 декември навлезе во соѕвездието на Риби (знак кој се поврзува со сомилоста, жртвувањето, емоционалноста), со што се отвора идеална шанса конечно духовно да се разбудиме. Тоа може да биде зачеток на будење на колективната свест за највредното (здравјето, внатрешниот мир, семејството) или можеби осознавање на некои нешта што мора да ги издржиме, кои мора да ги претрпиме со цел да научиме похумано и поодговорно да живееме.
Рибата значи спиритуално и интуитивно проникнување во вредностите на животот. Под нејзин домен е максимата: „Како зрачиш, така привлекуваш“.Тоа подразбира осознавање на сопствените вредности, создавање позитивни вибрации и низ верба и молитва налепување на фреквенцијата која свесно (или несвесно) ја повикуваме. Некој ќе размислува за болест, друг ќе се ориентира кон здравје, некој ќе се фокусира кон телесните страсти, друг ќе вложува во внатрешниот мир и екологијата на духот, на крајот секој ќе го привлече тоа за што размислува.
Бидејќи во космосот и во природата постои идеална симетрија и хармонија, Јупитер нè повикува во 2022 година да се насочиме кон фреквенцијата на љубовта, фреквенцијата на мигот, опуштеноста и почитување на сопствената душа. Рибата не владее со материјалното. Таа не владее ниту со рационалното, туку владее со исцелувањето, вербата, мистиката и духот.
Зодијачкиот знак Девица е опозитно поставен во однос на Рибите, така што ги претставува рациото, логиката, преиспитувањето, сигурноста, стабилноста… Рибите најмалку се ориентирани кон овие вредности и затоа нивниот живот често е опфатен со идеализација, несогледување на туѓите слабости, ментална конфузија, емоционална ранливост, потиснување на сопствените вредности и жртвување за доброто на другите. Значи, можеби ќе мора многу нешта да жртвуваме во 2022 година, да станеме самокритични, да преиспитаме каде грешиме и да почнеме повеќе да ги штитиме своите емоции и психофизичката енергија. Водените зодијачки знаци Риби, Рак и Скорпија ќе имаат идеална шанса да добијат некоја сила, енергија и мотив да се извлечат од некои тегобности и напнатости со кои се соочуваа во претходната година. Тоа посебно важи за Скорпиите, но и за Биковите кои константно го трпат негативното влијание на Сатурн во Водолија. Овие два знака ќе мора да внимаваат и во текот на 2022 година, посебно родените во втората и третата декада, бидејќи нема да бидат целосно ослободени од кризи и тешкотии.
Добрата страна на влијанието на Јупитер во Риби е што отвора шанса за исцелување на нашата душа и дава можност за подигнување на нашиот дух. Малодушноста, емоционалната вознемиреност, стравот и општото чувство на несигурност нема веднаш да исчезнат, но со инвестирање во себе, вербата во бога и духовните вредности, многумина ќе имаат шанса да ги осознаат и надминат тегобностите. Можеби телото (човечкиот физикус) на некое ниво пак ќе трпи одредено ограничување, некакви карантини или изолации. Веројатно ќе има проекција на стравови и високо ниво на стресови. Сето тоа ќе предизвика да се соочиме со самите себеси, да преиспитаме кон што го водиме сопствениот живот и да разбереме колку пандемијата придонесе нештата да се променат надвор од нас, но и длабоко во нас. Светот повеќе не е ист, ниту ќе биде таков, каков што претходно го знаевме. Со влегувањето во Ерата на Водолија почнаа да се ревидираат многу сфаќања во однос на семејните вредности, меѓуполовите бракови, од друга страна информатичката технологија, дигитализацијата, роботиката и исклучивата ориентираност кон профитот го земаа приматот врз хуманоста, одговорноста и чувството за општо добро. Можеме само да замислиме што ќе се случува со човекот и човештвото откако планетата на кармата Сатурн ќе навлезе во соѕвездието на знакот Риби (тоа ќе се случи на 7. 3. 2023 и ќе трае до 14. 2. 2026 година). Рибите владеат со сè што е скриено и невидливо, но и со болниците, изолацијата, психичките проблеми, стравот, траумите итн. Моментално планетата на среќата Јупитер е во Риби (ќе се задржи до 10. 5. 2022) и на површина треба да ги изнесе позитивните аспекти со кои се врзува овој зодијачки знак: молитва, манастир, верба во бога, инспирација, хуманост, сочувство, грижа, креативност, уметност… Што ќе преовлада зависи од човекот и од неговото ниво на свест. Многумина треба да одлучат дали и понатаму ќе се ориентираат кон себичноста, експлоатацијата на сеопштото, уништувањето на екосредината, алчноста, манипулацијата, ниските страсти или ќе сфатат дека со насоченоста кон површноста на постоењето и лажните вредности, самите себеси се уништуваат и придонесуваат коронавирусот и понатаму да наоѓа плодно тло за доминација и колективна деградација.
Што треба да научиме од транзитот на Јупитер во Риби кој во астрологијата е прикажан како планета на спас, на заштита, на излез и решение? Дека, пред сè, клучна е внатрешната хармонизација. Клучно е спокојството. Клучно е да се насочиме кон она што нè стимулира и кое е најзначајно во животот, а најзначајни станаа мирот, поврзаноста со блиските и здравјето.
Околу овие денови ќе се соочиме со негативно планетарно влијание, така што препорачливо е да внимаваме на психофизичката состојба и да се заштитиме од ризични ситуации.
- 11. 2022
- 3. 2022
- 4. 2022
- 7. 2022
- 8. 2022
- 10. 2022
Планетите и зодијачките знаци во 2022
Што ќе придонесе Јупитер во Риби во позитивна насока за сите зодијачки знаци?
Овните ќе имаат аспект на скриена среќа и можност за остварување на целта што долго време ја исчекуваат. Во духот на својата борбеност и решителност, тие ќе сфатат дека имаат многу поголем капацитет за справување со лицата и околностите кои го ограничуваат нивното напредување. Треба да ја искористат својата енергија, страст и решеност за создавање длабоки промени во животот и за расчистување со старото. Овните ќе бидат витални, храбри и определени да влегуваат во ризични и непредвидливи ситуации. Сепак, овој нивен порив не е добро ако биде инициран во секоја прилика и особено во доменот на финансиите.
Биковите ќе треба да бидат фокусирани кон целта, визијата, кон некоја нова смисла во животот. Треба да се дистанцираат од некои стеги произлезени од минатото и повеќе да бидат активни на социјален и семеен план. За да се ослободат од потсвесниот немир, корисно е да согледаат што правеле во животот, до каде стигнале, што треба да расчистат, кон каква среќа да се отворат и колку се ослободени од емоционалниот отров. Можно е да членуваат во одредена групација, тим или некој од пријателите и блиските да ги поттикне кон некои нови перспективи во љубовта или работата.
Близнаците ќе имаат позитивни аспекти во полето на финансиите, кариерата и статусот. Ќе им се отворат добри можности за подобрување на односот со авторитетите, за подигање на самите себеси во поглед на оптимизам, волја и мотивација и за санирање на последиците од лошите удари на судбината. Се препорачува Близнаците да ги искажат своите таленти, да учат нови нешта и повеќе да веруваат во сопствените вредности. Подобрувањето во полето на љубовта ќе пристигне доколку се ослободат од некои свои стеги и почнат многу повеќе да размислуваат за мигот на сегашноста, отколку за минатото.
Кај Раковите се отвораат можности за патување, за градење нова животна филозофија, учење, надградба, будење на потенцијалите и заштита од бога. Тоа ќе им помогне да сфатат кои се, какви се, ќе ја разбудат својата личност, ќе почнат повеќе да се ценат самите себеси и ќе навлезат во една подлабока димензија на постоење. Само треба да се фокусираат кон сè што е добро, мирно и хармонично, да ѝ веруваат на интуицијата и да почнат да уживаат во благодетите на животот. Шансите за напредок во полето на работата ќе бидат многу повисоки, како и за иницирање емоционална блискост со мошне интересна личност.
Лавовите ќе доживеат голема внатрешна духовна трансформација и поттик за напредок во сите сфери од животот. Потенцијалите за победа над некои нешта кои во претходниот период ги ограничуваа, ќе бидат мошне високи. Подобрување на финансиски план, наследство или инвестирање во недвижности се дел од позитивното влијание на Јупитер. Треба да научат да бидат потолерантни кон оние лица кои не можат да ги следат или не се на слично ниво како и Лавовите. Заштитата од опасни ситуации ќе биде актуелна, како и будењето на страста за убавите нешта.
Девиците треба да се вложат во полето на бракот, партнерството, соработката и деловните односи. Значи треба да бидат поотворени, помалку перфекционистички ориентирани, да не ситничарат туку да ја гледаат пошироката слика на нештата. Во љубовта се препорачува да расчистат со односите што не се добри, а да се отворат за релација која ќе им овозможи нова перспектива. Потенцијалите за патување, остварување купопродажни договори и реновирање на домот ќе бидат многу високи. Главно е Девиците помалку емоционално да се стегаат и стравуваат, а повеќе да се радуваат и опуштаат. Успехот ќе следи ако повеќе веруваат во сопствените вредности.
За Вагите се отвора полето на професионалниот напредок, здравјето, креативноста и можноста за поуспешно справување со околностите на секојдневието. Успехот ќе следи посебно доколку се обидат да создадат нов пристап кон самите себе, кон љубовта и работата. Треба помалку да се товарат со туѓи негативни состојби, а повеќе да се насочат кон сопствените цели и потреби. Најголемата добивка од влијанието на Јупитер е што ќе можат да си го заштитат здравјето, така што колку и да е напнато и неизвесно, треба да веруваат дека ќе постојат решенија. Потенцијалите за контакти со странство ќе им бидат многу повисоки.
Кај Скорпиите полето на љубовта, децата, задоволствата и среќата станува многу поактуелно. Значи, Скорпиите имаат голема можност за подобрување на состојбата во која се наоѓаат, иако Сатурн сè уште ќе ги напаѓа (посебно родените од втората и третата декада). Се препорачува да се отворат за љубов, за проширување на семејството и за подобрување на односите со блиските. Храброста и решителноста ќе им помогнат да разрешат нешто што долго време ги оптоварувало и потискало. Клучно е да се ослободат од лошите влијанија, емоционално да се детоксицираат и да тргнат кон правецот на позитивните можности.
Стрелците ќе имаат подобрување на состојбите во домот, нова перспектива во односот со блиските, можност за инвестирање во недвижност и за разрешување на имотно-правни проблематики. Позитивно е да го променат местото на живеење, да патуваат и да бидат активни во спроведувањето на своите цели. Треба да се слушаат самите себеси, да не подлегнуваат пред туѓите негативни влијанија и да се отворат за љубовните задоволства. Интуицијата, волјата и оптимизмот ќе им бидат многу поприсутни отколку што им беа во претходната година.
Јарците треба да се искачуваат што повисоко кон предизвиците на животот. Колку и да е тешко, тие мора да се стремат да одат нагоре. Тоа подразбира дека треба да се ослободат од стегите на минатото, да се дистанцираат од лицата кои негативно зрачат и да почнат со процесот на внатрешна обнова и позитивна трансформација. Јарците корисно ќе направат ако ја средат документацијата, инвестираат на личен план, учат странски јазици, комуницираат, остварат кратки патувања и сè што може да им донесе перспектива за духовно будење. Нивниот ментален капацитет ќе биде пресуден како и кон што ќе се насочат во новата година.
Водолиите ќе имаат можност за финансиски напредок, за подобрување на системот на вредности, многу новитети на семеен и професионален план и шанса за зајакнување на својата личност. Водолиите ќе сакаат да променат одредени нешта во своето непосредно опкружување, така што постојано ќе бидат активни и подготвени за целосно дистанцирање од лица или ситуации што им создале гнев и фрустрација. Клучот е да се менуваат себеси за да можат да ги менуваат и другите. Патувањата, работните предизвици, љубовниот флуид и креативноста ќе бидат дел од нештата со кои ќе се соочуваат во новата година.
Рибите својот фокус ќе го насочат кон решавање на наталожените проблеми, кон нивниот саморазвој и кон заштитата од негативните влијанија. Тие ќе имаат ангел чувар кој ќе им помогне во критичните моменти и ќе им го покаже патот кон поперспективните можности на животот. Рибите треба да се насочат кон самите себеси со цел да станат посреќни и поотпорни на надворешните негативни вибрации. Присуството на Јупитер во нивниот знак ќе им помогне многу повеќе да размислуваат или дејствуваат за љубовта, страста и духовната поврзаност со блиските.
(Овие кратки астролошки предочувања за зодијачките знаци, комбинирајте ги и со вашите подзнаци).
Препорака за сите зодијачки знаци е во новата година да влезат со визуализирање на тоа што сакаат да им се случи, да го насочат умот кон позитивната енергетска фреквенција, да имаат надеж и да веруваат дека Бог или ѕвездите ќе помогнат проблемите да бидат многу помали, а околностите на животот многу подобри и поубави.