Археолозите во Помпеја пронашле совршено сочувани тела на настрадани во 79 година од новата ера/ВИДЕО

295
Фото: screenshot Youtube

Речиси совршено сочуваните остатоци од двајца мажи се пронајдени во античкиот римски град Помпеја.

Телата на еден богат човек и неговиот роб биле пронајдени за време на археолошкото истражување во Помпеја во парк во предградието на градот. За нив се верува дека починале бегајќи од катастрофалната ерупција на планината Везув во 79 година од новата ера, пишува Гардијан.

Фото: screenshot Youtube

Масимо Осана, директорот на паркот, рече дека ова откритие е „навистина исклучително“, додека министерот за култура, Дарио Франческини, истакна дека Помпеја е многу важно археолошко место.

Се верува дека двајцата мажи ја избегнале почетната фаза на ерупцијата кога градот бил покриен со лава и вулканска пепел, но дека тие биле убиени од експлозија што се случила следниот ден.

Тоа е една од најпознатите вулкански ерупции во историјата, во која бил уништен римскиот град Помпеја. Ерупцијата ги погодила античките Римјани во градот во подножјето на планината Везув целосно неподготвени, па многумина останале скаменети од лавата што ги прекрила.

Фото: screenshot Youtube

Речиси 2000 години подоцна, поради сето ова, Помпеја стана едно од најважните археолошки места во историјата.

Остатоците се пронајдени во Цивита Џулијана, 700 метри северозападно од центарот на античка Помпеја, во подземната просторија на голема вила каде се во тек археолошки истражувања.

Фото: screenshot Youtube

Еден од нив веројатно бил со повисок социјален статус и бил на возраст меѓу 30 и 40 години. Под вратата, археолозите пронашле остатоци од волнена наметка.

Другиот човек, веројатно на возраст од 18 до 23 години, бил облечен во туника и имал неколку оштетени пршлени, што укажува на тоа дека бил роб и работел напорна работа.

Забите и коските на мажите биле добро сочувани, а празнините на коските најпрво биле пополнети со зацврстен малтер, а потоа биле ископани за да се спречи нивното кршење.

„Овие две жртви веројатно се обидувале да побараат засолниште околу 9 часот наутро кога ги пеплосал пирокластичниот бран“, рече Масимо Осана, директор на археолошкиот локалитет. „Тие починале од ефектите на термички шок, како што укажуваат нивните стегнати нозе и раце.

Во времето на вулканската ерупција во Помпеја во 79 година н.е., имало околу 13 000 жители. Остатоците од градот биле откриени дури во 16 век, а организираните ископувања започнале околу 1750 година. Но, неодамна, вниманието е насочено кон обидот да се запре распаѓањето и пропаѓањето на вредните урнатини.