Артан вработува сè по список! – По десетина години лежење, рамковните почнуваат со работа

144

За 349 од вкупно 1347 рамковни вработени, кои со години седеа дома и земаа плата, вчера беше прв работен ден. Повеќето од овие лица, односно 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување, ДКСК… Согласно етничката структура претежно се Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци.

Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, во телевизиско гостување изјави дека до крајот на неделата ќе се заврши со решенијата за сите рамковно вработени, а најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа. Тој тврди дека рамковните вработувања не се нови, со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, ниту ќе има какви било финансиски импликации.

– МИОА ги има годишните планови за вработувања, достави допис до Министерството за политички систем со сите празни места во согласност со систематизацијата, направивме мечирање со нашата листа и согласно тоа совпаѓање, произлезе листата која е усвоена во Владата. Апсолутно тврдам дека не се нови работни места, нема никакви финансиски импликации – рече Груби.

Проблемот со рамковните административци кои речиси една деценија не одеа на работа, првиот вицепремиер го лоцира во честите избори.

– Рамковните вработувања беа успешна приказна, но затаи поради честите избори. Се наталожи огромна бројка и не успеа целосно распределувањето на сите административци. Системот функционираше до 2010 година, а потоа почна да затајува поради политичките проблеми. Секоја година имаше изборни циклуси. По вина на институциите не се вработени овие луѓе. Поради тоа мораше да се донесе лег специјалис, во кој се определени роковите за нивна распределба – подвлече Груби.

  1. н. рамковни административци кои со години седеа дома и земаа плата, со што ќе ги стави на трансфер-листа за распоредување по институции. Ако не им се допаѓа платата или работното место што ќе им се понуди, ќе го изгубат правото за вработување на овој начин во државниот сектор, засекогаш.

Осум рамковни вработени доби Антикорупциската комисија, потврди претседателката на ДКСК Билјана Ивановска која објасни дека се работи за помлади соработници.

– Станува збор за помлади соработници, а нас можеби ни требаат виши советници. Сега ќе треба да се изврши обуката и да се прилагодува систематизацијата. Иако тоа е апсурдно, бидејќи ние се бориме против промени на систематизациите, кога се прават наменски заради вработувања, рече Ивановска. Дваесетте вработени и во Агенцијата за вработување како и во останатите институции ќе наложат менување на систематизацијата на работните места.

Законот предвидува и дека ако рамковните вработени добијат можност за работа а одбијат од какви било причини, бидејќи не им се допаѓа поради мала почетна плата или слично, правото преку овој закон да се вработат го губат трајно. Груби појасни дека на административните службеници кои во рок од 7 дена нема да дојдат да ги подигнат новите решенија, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе им ги раскине договорите за вработување и ќе ги пренесе на трансфер листа каде што може да останат во следните шест месеци.

-Трансфер листата е во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институција која има слободно место, им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор. Немаат веќе право да прибираат и да бараат друго работно место, ова е единствената опција, рече Груби. (Е.А.)