Арсовска: Одлучуваме за тоа каква сакаме да биде иднината на Скопје

37

Верувам дека успеавме да го оствариме своето лично право да го дадеме својот глас за каква сакаме да биде иднината на Скопје, во првиот круг водев со 8.000 гласови, а во вториот ќе биде поголема бројката на оние лица, кои ќе ја поддржат визијата за модерно Скопје, истакна денеска независниот кандидат за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, откако го оствари своето право на глас во избирачкото место во општина Ѓорче Петров.

Арсовска потенцира дека изминатиот период наместо натпревар за подобри идеи и визии, била присутна црна кампања, која, како што рече, имала за цел да омаловажи.

-Она што ја одбележа оваа кампања, а и вчерашниот ден за време на молкот е црната кампања и за жал овие избори не се претворија во избори каде што се натпреваруваме за идеи и за визија, туку беа избори каде што се обидуваа да ја омаловажат вредноста на човекот, на личноста, на жената, на некој кој се обиде во оваа трка да понуди поубава слика за нашето Скопје, за иднината која доаѓа.

Изрази благодарност до како што рече, оние граѓани кои без разлика на црната кампања продолжиле да веруваат во нејзината визија.

-Јас како човек кој што живее во овој град 42 години сметам дека моите пријатели, моето семејство, сите оние кои што ме познаваат, меѓутоа и сите скопјани кои ја видоа искреноста во мене, го дадоа на овие избори својот глас и се надевам дека вечерва ќе славиме за поубаво Скопје, порача Арсовска.