Арсовска: Имам контакти со сите градоначалници во Скопје, не очекувам опструкции од ниту еден

30

Имам контакти со сите градоначалници во Градот Скопје и досега сум имала исклучително коректна соработка, истакна скопската градоначалничка Данела Арсовска.

– Имам контакти со сите градоначалници во Градот Скопје. Ние имаме и координативни состаноци, кои што по закон ги држиме во рамки на Градот Скопје, кои што ги раководам. Верувам дека тоа треба да продолжи, пред се во интерес на скопјани. Не сметам дека треба политички мотивирани да бидат овие луѓе кои што преземале обврска дека ќе реализираат проекти во интерес на граѓаните, дека треба да се повлекуваат од иститте и да не ги реализираат само затоа што некој така им рекол. Тие, пред се се непосредно избрани на овие избори да ги застапуваат интересите не само на оние што ги гласале, туку и на оние што не ги гласале. Ните тука работиме во интерес на сите граѓани, рече Арсовска во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Таа изјави дека не очекува опструкции од ниту еден градоначалник и посочи дека досега имала исклучително коректна соработка, која, како што рече, се надева дека за доброто на граѓаните таа коректна соработка ќе продолжи и понатаму.

Додека сум јас градоначалник на Градот Скопје, истакна Арсовска, сето она што кое што го имам во свои раце како моќ, односно како влијание, практично да работам во интерес на граѓаните, ќе работам да ги заштитам нивните буџети.

– Како градоначалник на Градот Скопје сето она што сум го ветила пред граѓаните, ќе се обидам да го испорачам, а останува на останатите дали ќе соработуваат или нема да соработуваат. Она која што треба да го правиме е да работиме, да соработуваме и да креираме политики кои што се во насока на тоа да го подобриме животот на граѓаните во Скопје и да го подобриме нивниот квалитет на живот, рече Арсовска.