Арсовска го казни Ѓорѓиевски 90.000 евра, тој возврати: Казната нема да се плати!

112

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, добил казна од градоначалничката Данела Арсовска во висина од околу 90.000 евра. Казната е за одлагање отпад на јавна површина откако во неделата сметот од камионите од Општина Кисела Вода, поради тоа што не беа примени внатре во депонијата, беше истурен пред портата на „Дрисла“. Тој истакна дека казната сè уште не стигнала во Општината, но оти има информации од Град Скопје за тоа

 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, добил казна од градоначалничката Данела Арсовска во висина од околу 90.000 евра. Казната е за одлагање отпад на јавна површина откако во неделата сметот од камионите од Општина Кисела Вода, поради тоа што не беа примени внатре во депонијата, беше истурен пред портата на „Дрисла“. Тој истакна дека казната сè уште не стигнала во Општината, но оти има информации од Град Скопје за тоа.

На денешната прес-конференција свикана по тој повод, Ѓорѓиевски порача дека ниту еден денар од буџетот на Општината нема да биде потрошен за оваа казна, бидејќи, како што кажа, нема никаков основ.

– Доколку се појави проблем, никогаш нема да бидам нем набљудувач и да ги оставам моите граѓани. Секој мој чекор како досега, и во иднина ќе биде во интерес на моите сограѓани, од кои сум добил поддршка – потенцираше Ѓорѓиевски.

Тој најави дека има правен тим, кој ќе постапува по изречената казна и оти се разгледува можноста за поднесување кривични пријави или против градоначалничката Арсовска и директорката на ЈП Комунална Хигиена, или против Град Скопје и против комуналното претпријатие поради тоа што, како што истакна, ги загрозиле животите и здравјето на граѓаните.

– Ќе мора да се утврди со правниот тим дали кривичните пријави ќе бидат насочени лично кон градоначалничката и директорката или кон Град Скопје и претпријатието со правниот тим  – истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода смета дека казната нема основ, бидејќи, како што наведе, со одлука од 2005 година сите општини во секое време може да го одлагаат сметот во депонијата „Дрисла“ и оти не е потребно општината да има склучено договор со ЈП „Дрисла“.

– Ако е проблем истечениот договор, зошто и по март годинава кога, според „Дрисла“, ни истекол договорот, ни е приман отпад, мерен и ни се издадени фактури? – праша Ѓорѓиевски, давајќи им ги на увид на новинарите споменатите фактури.

– Ова е уште едно побивање на лагите на Арсовска. Факт е дека додека се спречуваа камионите на Општина Кисела Вода и на Сопиште да влезат во депонијата и да го одложат отпадот, во „Дрисла“  селективно беа пропуштани возила со италијански регистарски таблички – вели  Ѓорѓиевски, покажувајќи фотографии од возилото.

Градоначалникот нагласи дека не биле пропуштани само камионите на Општина Кисела Вода и на Сопиште.

– По повикување неколку пати да го внесеме отпадот во „Дрисла“, за што граѓаните, впрочем, и плаќаат, по   еден и пол час чекање, немавме друга опција, освен да го одложиме пред ова јавно претпријатие. Додека втората опција беше повторно да го вратиме отпадот во Кисела Вода. Со ова, Данела покажа дека, освен тоа што не си ги врши работите за кои зема плата, попречува ние да ја завршиме – дециден е Ѓорѓиевски.

На прашањето дали, можеби, имало решение во одлагањето на отпадот да помогнат општините што се вклучија во неговото собирање, Ѓорѓиевски истакна дека бидејќи нивните камиони и камионите на Општина Сопиште биле први, тие го истуриле сметот, за што и се казнети, заедно со околу 140.000 евра, додека камионите на Општина Аеродром, дадени од Општина Штип, го одложиле сметот во Велес, па поради тоа и нема казна за Општина Аеродром и Тимчо Муцунски.

Освен тоа, тој посочи дека депонијата „Дрисла“ се наоѓа на дел од териториите на општините Сопиште и Студеничани и е надвор од територијата на Град Скопје.

Покрај тоа, тој, како што кажа, за прв пат се пожали дека имаат опструкции од градските јавни претпријатија, односно за едно обично барање за поставување водоводна или одводна мрежа, Општина Кисела Вода чека со месеци.

– Длабоко се каам што некогаш сум ѝ дал поддршка на Арсовска – заклучи Ѓорѓиевски.

По прес-конференцијата на Ѓорѓиевски, до медиумите стигна реакција од Град Скопје во која нагласуваат дека „неписменоста, функционално, но и целосно, е главниот проблем на македонското општество во последниве три децении“.

– За жал, ниту денес, во 21 век, не можеме да забележиме тренд на еволуција на писменоста кај државните функционери. Напротив, од година на година, сè повеќе е изразена неписменоста во највисоките редови на централната, локалната и сите останати власти – велат градските власти.

– Имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на Град Скопје, како и е во директна надлежност на Градот Скопје. Оттука произлегува дека т.н. „правен тим“ на Ѓорѓиевски е значително помалку едуциран за проблематиката за која е советуван градоначалникот. Негов е проблемот, пак, што ја прифатил ваквата сугестија – се вели во соопштението на Град Скопје.

Арсовска додава дека она што ја радува од прес- конференцијата на Ѓорѓиевски е фактот што тој, како што вели, „признал дека токму ВМРО-ДПМНЕ во содејство со отпадници од владејачката ДУИ и СДСМ се организатори на блокадата на работата на КХС“.

– Општина Кисела Вода нема никаков договор со „Дрисла“. Напротив, барањето за склучување договор е испратено до ЈП „Дрисла“ вчера на 11.7.2023 година. Договор има компанијата „Анизор“, која е ангажирана преку тендер од страна на Општина Кисела Вода за одлагање отпад во ЈП „Дрисла“, со која никогаш немало никаков проблем – објаснува Арсовска.

Од Град Скопје го потсетуваат Ѓорѓиевски дека вечерта кога го истурал отпадот пред  ЈП „Дрисла“ самиот изјавил дека го прави тој чин под „целосна сопствена одговорност“.

– Оттука, срамно е да плаче на прес-конференции и да се жали. Наместо тоа, нека остане барем на едно ветување дадено пред јавноста. Овој пат наместо да глуми храброст пред камерите, нека ја докаже – реагираат од Град Скопје.

За два дена подигнати 1.130 тони комунален отпад

Во текот на изминатите два дена, екипите на ЈП Комунална Хигиена подигнаа и транспортираа вкупно 1.130 тони комунален отпад од контејнерите поставени на јавни површини, како и од кантите наменети за индивидуалните домаќинства, информираа од компанијата. Од претпријатието велат дека се отстранети и 250 кубни метри отпад од приближно дваесет диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

– Почнувајќи од првата смена, претпријатието продолжува да го собира и да го транспортира комуналниот отпад на територијата на Градот Скопје според стандардната динамика, утврдена со оперативната програма за работа. Воедно, продолжуваат и редовните активности за одржување на хигиената на јавните и на сообраќајните површини во сите скопски општини – соопштија од ЈП Комунална Хигиена.

(А.П.)