Арборетумот кај Трубарево денес е скривалиште на емигранти, паша на овци и депонија на ѓубре

2961

Шеесет и три години беше заштитено подрачје на домородни видови флора и фауна од сите континенти, особено од Европа, Азија и Северна Америка, а денес е скривалиште на бегалци, идеално место за паша на овци и за депонирање на ѓубре. Станува збор за еден, во минатото многу убав парк, распослан на површина од три хектари веднаш до населбата Трубарево. Од 1953 година со овој парк, наречен Арборетум или Дендро-парк, стопанисувал Шумарскиот факултет во Скопје. Во него биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и видови од цел свет. – Граѓани ми алармираа дека овој многу вреден парк сега е оставен да го уништува кој како ќе стигне. Деновиве бев да се уверам на лице место и не можев да поверувам што видов. Вистинска „убавина“. Затекнав голема сеча на дрва. Некои влегувале и безгрижно си сечеле од ретките домородни дрвја. Додека граѓаните се гушат и бараат воздух повеќе, бизнисмените си работат без никаква пречка. Насекаде е расфрлано ѓубре и градежен шут. Куќарката во која била сместена чуварската служба, сега е демолирана со откорнати врати и прозорци. Некои ми кажаа дека тука до неодамна преспивале бегалци/емигранти. Сега има овчар кој си чува овци, па дури и ме нападна вербално на нејасен македонски јазик кога се приближив, вели Дејан Димитровски, советник во општина Гази Баба од редовите на зелената партија ДОМ

Светлана БЛАЖЕВСКА

Шеесет и три години беше заштитено подрачје на домородни видови флора и фауна од сите континенти, особено од Европа, Азија и Северна Америка, а денес е скривалиште на бегалци, идеално место за паша на овци и за депонирање на ѓубре.

Станува збор за еден, во минатото многу убав парк, распослан на површина од три хектари веднаш до населбата Трубарево. Од 1953 година со овој парк, наречен Арборетум или Дендро-парк, стопанисувал Шумарскиот факултет во Скопје. Во него биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и видови од цел свет.

ДЕНДРО-ПАРК

Вкупниот број на видови дрво и грмушки во Арборетумот е околу 600 видови и ова место кои е прогласено за заштитено подрачје во категоријата природен интензитет, до пред четири години било чувано како „очи в глава“. Било оградено и имало деноноќна чуварска служба.

– Граѓани ми алармираа дека овој многу вреден парк сега е оставен да го уништува кој како ќе стигне. Деновиве бев да се уверам на лице место и не можев да поверувам што видов. Вистинска „убавина“. Затекнав голема сеча на дрва. Некој(и) влегле и безгрижно си сечеле од ретките домородни дрвја. Додека граѓаните се гушат и бараат воздух повеќе, бизнисмените си работат без никаква пречка. Насекаде е расфрлано ѓубре и градежен шут. Куќарката во која била сместена чуварската служба, сега е демолирана со откорнати врати и прозорци. Некои ми кажаа дека тука до неодамна преспивале бегалци/емигранти. Сега има овчар кој си чува овци, па дури и ме нападна вербално на нејасен македонски јазик кога се приближив – вели Дејан Димитровски, советник во општина Гази Баба од редовите на зелената партија ДОМ.

Според него, ова што се случува таму е екоцид врз животната средина. Вели дека најавувал уште поодамна дека вакво нешто ќе му се случи на Арборетумот.

– Пред три месеци бев кај деканот на Шумарски факултет и му ја кажав состојбата. Се жалаше дека немале средства да го одржуваат. Министерството за образование и наука пред четири години ги повлекло средствата за одржување и оттогаш се тргнало надолу. Криво ми е што Арборетумот што е продолжение на вегетативно формирачките локалитети Острово и источната страна на месноста Езерце и се такви природни богатства и важни за Скопје, но и за многу птици, влекачи – вели Димитровски.

Дендро-паркот служел како мониторинг на животната средина, научно истражување на Шумско опитната експериментална станица во шумите Трубарево и настава за студенти на Шумарскиот факултет во Скопје. Локалитетот се карактеризира со значителни еколошки, едукативни и рекреативни вредности.

ЕЗЕРЦЕ

Загрижувачка е и состојбата со Езерце кое во 1994 година е прогласено за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Просторот на Езерце за време на периодот на терциер бил дел од некогашното скопско неогено езеро. Подоцна со повлекување на водата овој простор останал на суво и постепено бил освојуван од терестички флорни и фаунистички видови.
Езерце преку целата година е под вода при што во летниот период водата се задржува само во пониските места. Подлогата е доста влажна преку целата година и во неа се развива типична блатна вегетација со доминација на трската и рогозот.

Во водата се размножуваат пет вида вилински кончиња, 18 вида дневни пеперутки, осум вида скакулци. Во водата плива и медицинска пијавица, три вида водни полжави, а на крајбрежјето три вида копнени полжави. Има и по два вида риби, водоземци, влекачи, додека на копно се среќаваат 51 вид птици и 19 вида цицачи (15 лилјаци и 5 други цицачи: крт, еж, верверичка, дива мачка, бизамски стаорец).

Од терофауната во месноста Езерце се издвоени 14 видови со меѓународно значење, од кои во светскиот список на загрозени диви животински видови се 11 вида. Со статус на загрозеност, односно ранливост се и девет вида лилјаци. На целото ова богатство на флора и фауна му се заканува угинување бидејќи водата во Езерце е нечиста, загадена и полна со ѓубре.

ОСТРОВО

Загрижувачка е состојбата и со наоѓалиштето Острово каде што егзистираат фаунистички видови кои се значајни за биоразновидноста на Македонија, но и пошироко, на европско и светско ниво. Наоѓалиштето се одликува и со значајни едукативни вредности поради кои во 1976 година бил прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.

Острово е остаток од поранешниот остров, кој по природен пат го формирала реката Вардар, која на овој простор се одвојувала на две теченија и го заобиколувала. Денес на теренот се сочувани фосилните корита на двата ракавци на реката, но се покриени со хумусен слој, лисја и се обраснати со тревеста и грмушеста вегетација. Затоа и Острово од научен аспект се третира како фосилен остров на реката Вардар, која тече на околу 500 метри.

Таму се одвива процес на природно обновување на дел од дендро-флората: црн јасен, бозел, шипинка, брест, јавор, багрем, бела топола, црна топола, врес, бела врба, хмељ и други. Пеперутките за ова место досега се слабо проучени. Со истражувањата во летото 2008 година регистрирани се 10 видови пеперутки и два вида вилински коњчиња. Од другите инсекти чести се: големиот жегач и 22 вида скакулци.

Од мекотелите застапени се три вида копнени полжави, од кое еден вид е балкански ендемит. Фауната во наоѓалиштето е претставена со 55 вида птици кои се застапени преку целата година, но има и преселни видови птици (во пролетниот, есенскиот и зимскиот миграциски период). Цицачите во наоѓалиштето се застапени со 20 вида од кои 14 вида се микро цицачи (лилаци потковичари, ноќници, вечерници) и пет вида макро цицачи (шарена куна, јазовец, дива мачка, куна белка, верверичка и еж).

И што да се каже на крај. Жално е целото ова растително и животинско богатство да се остави да изумре или побегне од своето природно живеалиште, токму поради негрижата на човекот.