Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, размислува македонската Влада да инвестира во дел од бугарската нуклеарна централа „Белене“ и на тој начин долгорочно да ги осигура снабдувањето и конкурентноста на пазарот на електрична енергија.
Ова Анѓушев го потврди во заедничкото интервју за „Фактор“ со Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија на прашањето кога земјата ќе добие национална берза на која на почеток електричната енергија ќе се тргува ден-однапред.
– Во енергетиката не може да има прогрес без да се има долгорочна стратегија. Ние во моментов ја немаме, ама се изработува. Увозно сме зависни енергетски, а дома произведуваме само електрична енергија. Немаме нафта, гас, а немаме ни јаглен во бесконечни количини. ЕЛЕМ на времето призведувал седум тераватчасови електрична енергија сега произведува 4,2 терватичасови на годишно ниво. За Македонија најлогично беше да се поврзе со Бугарија. Откако ќе направиме „каплинг“, Македонија ќе има поевтина енергија и тоа ќе биде добро за сите компании. Би било паметно и да си закупиме ресурс. Тука го гледам „Белене“, нуклеарната централа како опција. Ако најдеме сила можеме да станеме и сопственици на тој дел. Со „каплингот“ тоа нема да биде ни проблем – рече Анѓушев.
Пред осум години бугарскиот министер за економија му понуди на тогашниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, Македонија да се вклучи во изградбата на Белене. Тогаш Пешевски рече дека Македонија ќе ја анализира можноста за инвестирање во Бугарија и истото на тоа заврши.
Вицепремиерот тогаш посочи дека треба да се направи детална и опсежна анализа пред државата да одлучи дали ќе инвестира во нуклеарната централа Белене во Бугарија, дали ќе гради сопствена нуклеарка на македонска територија или воопшто нема да се потпира на нуклеарна енергија.
Бугарската влада во моментов го мотивира рестартирањето на проектот за нуклеарна централа Белене и бара надворешни инвеститори.