Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“, од септември почнува нов шестмесечен проект кој треба да открие колку случаи има и во кои семејства се случува злоупотреба, малтретирање и запуштање на згрижените деца. Тој посочува дека соседи што живееле во близина на згрижувачки семејства пријавувале дека слушаат плач и викотници, но кога ќе биле натерани да го потврдат тоа со изјава на нотар, се откажувале.
– Некои од семејствата го прават тоа само за пари, додека детето е препуштено само на себе. И од директорите на некои училишта имам информации дека некои од овие деца се неодговорни, недисциплинирани и дека доаѓаат на училиште несредени, нечисти, со вошки – тврди Јовановиќ.
За таа цел, ќе бидат спроведени анкетни листови во градинките, во основните и во средните училиштата, подготвени од социјални работници, дефектолози, педагози, психијатри и медицински лица во Здружението.
– Од резултатите од пополнетите анкетни листови ќе имаме увид дали децата се трауматизирани и дали поради тоа имаат пречки во говорот или се со друг здравствен проблем. Оние деца кај кои ќе се утврди дека не се во добра здравствена состојба, да одат на лекарски преглед, а на семејствата да им се одземе згрижувачкото право и да го вратат целиот износ што го зеле од центрите за социјална работа, за нивно згрижување. Ќе бараме и кривично да одговараат – казните затвор се од една до три години. Ова мора да се санкционира, се работи за деца кои поради малтретирањето и запоставувањето, ќе имаат трауми цел живот, а треба да формираат свои семејства и да се здрави – констатира Јовановиќ.
Вели дека доколку граѓанин знае дека згрижувачко семејство злоупотребува дете што е згрижено таму, ќе може да пријави на телефонскиот број 070-756-611 или на мејлот gradime.idnina@gmail.com .
Во нашата држава има регистрирано 360 згрижувачки семејства, од кои 122 се во Скопскиот Регион. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека до нив немало пријави за злоупотреба и негрижа на дете сместено во згрижувачко семејство.
– Ги сместуваме во семејства што може да понудат услови за правилен раст и развој на децата. Згрижувачките семејства се едно од решенијата што означуваат можност за целосна интеграција на децата во општествената заедница и можност за почеток од иста почетна точка со сите деца – велат од Министерството.
Притоа, нагласуваат оттаму, доброто функционирање на згрижувачките семејства се потврдува со тоа што децата што биле сместени таму, остануваат во контакт со своите згрижувачи.
Висината на надоместокот за згрижување дете во општо згрижувачко семејство изнесува 16.730 денари, а за згрижување дете во специјализирано згрижувачко семејство – до висината на надоместокот 19.615 денари.
(А.П.)