Двата масакра во Србија го вклучија алармот и во македонските институции. Трагедијата во Белград ја отвори дилемата за тоа како се развиваат младите во земјава и како да се превенира меѓуврсничкото насилство.
МОН ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат дали треба да се ограничи користењето на мрежата „Тик-ток“ за учениците, соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
-Ќе продолжиме со состаноци со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребната на тик-ток мрежата, какви материјали содржи и начинот како ја употребуваат учениците во основно и средно образование, изјави Шаќири.
Како што појасни, институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „Тик-ток“, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Посочи дека тука ќе се вклучат Министерството за информатичко општество и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.