Присутните во ВИП Арената Борис Трајковски во Скопје вчеравечер уживаa во спектакуларното музичко шоу на кралот на валцерот Андре Риу, кој по 2019 година повторно одржа концерт пред македонската публика.

Холандскиот музичар, Андре Риу заедно со својот оркестар и пријатели музичари создаде неверојатна атмосфера во која публиката и пееше и танцуваше и не ги штедеше дланките, а во салата се свиреа познатите валцери и се пееа најубавите арии и балади.

Музичкиот спектакл беше надополнет со визуелни ефекти, па среде шоу врнеше “снег“, паѓаа балони, а Андре Риу во рамките на тричасовниот музички настан на најубав начин ја пренесе својата огромна љубов кон музиката по која е познат и со огромно задоволство дочекуван во целиот свет.

Она на што публиката и на овој концерт со големи емоции реагираше е изведбата на песната “Македонско девојче“ со која Андре Риу ги освои буквално сите кои присуствуваа во салата и кои во еден глас и на нозе пееа со “кралот“.

Андре Риу и овојпат покажа дека кога тој одржува концерт публиката едноставно посакува шоуто да не престане.