Андоновски: Нема повеќе да се игра фудбал во министерствата

72

Министерството за политички системи ќе биде само за односи меѓу заедниците, најавува ВМРО ДПМНЕ. Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка во партијата вели дека ВМРО-ДПМНЕ преговара и за формирање влада, но и за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието, пренесува РСЕ.

Андоновски кажа дека има повеќе институции предводени од ДУИ кои не може се оправат, и дека тие институции се пред крах.

„Имате институции каде ДУИ била подолго време и не можете да ги оправите, тоа се институции пред крах. Во една ваква ситуација, ние мораме да се справиме со предолгото владеење на ДУИ и тоа извитоперување на владеењето за тоа што тоа повеќе не е нормална власт. Мислам дека во ВЛЕН се луѓето чесни имаат чесни намери за борба против корупција и криминал и тоа ќе се покаже уште при првите денови од преземањето на власта“, изјави Андоновски.

Андоновски коментираше и за случката од минатото, кога во едно министерство се играше фудбал и кошарка.

„Спорт во рамки на канцелариите нема да се практикува, постојат спортски сали за тоа. Вториот дел мене како правник ми пречи тоа што ова министерство се нарекуваше „за политички систем“ кога знаеме дека се ова што ние го работиме е политички систем. И Собранието е политички систем, Владата, дури и судовите се политички систем. Тоа е таа поделба на власта кај нас која постои и е на три дела. Беше чудно што еден министер е задолжен за цел политички систем во државата односно за еден ресор. Така што мислам дека ова ќе се трансформира само во Министерство за односи меѓу заедниците додека политичкиот систем има една малку поширока димензија“, рече Андоновски.