Англија и Холандија на пола чекор од првата цел

54
epa10318230 Players of England celebrate their 6-1 lead during the FIFA World Cup 2022 group B soccer match between England and Iran at Khalifa International Stadium in Doha, Qatar, 21 November 2022. EPA-EFE/Neil Hall

Големи се шансите денеска да ги дознаеме првите репрезентации кои и математички ќе обезбедат пласман во 1/8 финалната рунда од Светското првенство во Катар. Ако се суди според играта и ефикасноста во првото коло од групната фаза, тогаш најблиску до реализација на зацртаната цел се репрезентативците на Англија кои со 6:2 ја добија пресметката против Иран, но денеска за противник ќе ја имаат максимално незгодната селекција на САД. Американците во првото коло одиграа нерешено (1:1) против Велс иако доминираа во поголемиот дел од натпреварот, а таквата игра им дава за право да се надеваат дека можат да го изненадат „Гордиот Албион“.

  • Единствено што не ми се допадна на дуелот против Иран е фокусот на играчите. Мора да бидеме фокусирани до самиот крај на натпреварот затоа што секоја грешка скапо се плаќа кога си дел од едно светско првенство. Очекувам тежок натпревар против САД. Фудбалерите знаат дека не смееме во ниту еден момент да ги потцениме. Американците докажаа дека имаат одличен тим, изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт.

Во слична ситуација, како таа на Англија, е и репрезентацијата на Холандија која ќе обезбеди пласман во следната елиминациска рунда доколку ја добие денешната пресметка против селекцијата на Еквадор. И двете репрезентации со триумф ја стартуваа авантурата во Катар откако „лалињата“ со 2:0 ја добија пресметката против Сенегал, а со истиот резултат Еквадор го победи домаќинот на завршниот турнир.

  • Го победивме Сенегал но јас знам дека можеме уште подобро. Со нашата офанзивна игра му дозволивме на противникот да организира неколку опасни контра-напади. Тука очекувам напредок, очекувам тоа да не се повтори против Еквадор затоа што јужноамериканците се одлични во таквата транзиција, изјави селекторот на холандија, Луи ван Гал.

На останатите два натпревари ќе имаме дуел на репрезентации кои немаат право на кикс. Победникот од дуелот помеѓу Катар и Сенегал ќе остане во игра за едно од првите две места во групата „А“, а голема борба за трите бода ќе има и на натпреварот од групата „Б“ помеѓу селекциите на Велс и Иран.

Денеска на програмата: ГРУПА А: Катар – Сенегал (14:00 ч.), Холандија – Еквадор (17:00 ч.). ГРУПА Б: Велс – Иран (11:00 ч.), Англија – САД (20:00 ч.).