Ангелоски: Соработката со Кина е голем потенцијал за пост-пандемиско обновување на земјите од Запад Балкан

17

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски учествуваше на онлајн форум за трговска и инвестициска соработка помеѓу Општина Дали, провинција во Н.Р. Кина и Општина Гази Баба, што беше организиран од Амбасадата на Н.Р. Кина во Скопје и Општината Гази Баба, со поддршка на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Претседателот на ССК се обрати како говорник и ја претстави деловната клима во РСМ како и потенцијалите за соработка со кинеските компании.

-Западен Балкан и понатаму останува регион со релативно неискористен економски потенцијал. Процесот на соработка има потенцијал да постигне поголема ефикасност и од зголемена регионална соработка и за заеднички пристап кон проектите што доаѓаат од Иницијативата 17+1. Зголемување на соработката во пост-пандемискиот период и обновување на нашите општества и економии е особено важно и треба да биде насочено кон специфични проекти како земјоделство, енергетика, патна инфраструктура, образование, и особено во здравството, како и реализација на капитални инфраструктурни проекти, истакна Ангелоски.

На настанот кој беше одлично организиран присуствуваа и се обратија и Амбасадорот на НР Кина Џанг Зуо, Јанг Гуозонг, генерален секретар на Општината Дали, Јунан, извршен претседател на Меѓународната трговска комора на Дали и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

На форумот беа презентираните општините Дали и Гази Баба, нивните потенцијали за инвестирање, а присутните ги потврдија и можностите за соработка со насока за нивно унапредување. Особен интерес кај присутните предизвика регионалниот проект на Општината Гази Баба да отвори нова индустриска зона на својата територија каде ќе може да инвестираат кинески компании, со што би се ефектуирале во пракса плановите за зголемување на кинески инвестиции и би се направило значајно поврзување на кинеските и на домашните компании.

ССК во 2015 година потпиша Меморандум за соработка со All-China Federation of Industry and Commerce (ACFIC), со што се формализираат континуираните напори на Сојузот да ја поттикне и унапреди економската соработка меѓу нашата земја и НР Кина на ниво на претставници на приватниот сектор, како и да се зголемат можностите за извоз и создавање на трговски партнерства.