Ангеловска: Со акциски план и конкретни мерки до подобри резултати за сузбивање сива економија

45

Од еден до два проценти од БДП е очекуваното зголемување на наплата на ДДВ доколку ефикасно се адресира неформалната економија и забрзано се работи на Акциски план за сузбивање на сива економија, истакнала денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на панел-дискусија на конференцијата на УниКредит – „Emerging Market Winter Conference“, која се одржува во Виена, Австрија.

Како што соопшти Министарството за финансии, Ангеловска нагласила дека преку спроведување на конкретни мерки и политики за сузбивaње на сивата економија, ќе работиме на подобрување на наплатата на приходите, како и преку инкорпорирање на технологијата во процесите.

– Еден начин да се подобри наплатата на приходи е адресирање – „атакување“ на сивата економија со конкретни мерки и активности. Во моментот развиваме акционен план. Министерството за труд и социјала има Стратегија за сузбивање на сивата економија. Има одделни мерки и во Министерството за финансии, во УЈП и Царинската управа. Сепак, ова е клучен приоритет и затоа создаваме посебен – наменски акциски план во Министерството за финансии. Акцискиот план вклучува различни мерки, од инспекции и зајакнување на капацитетите на институциите до меки мерки, по примерот на МојДДВ и МoјДДВ #МојаНаграда, кои даваат одлични резултати. Покрај тоа, додаваме нов, посебен сегмент, кој се бори со сивата економија во е-трговијата. Друг начин да се мобилизираат повеќе приходи е со примена на технологиите во процесите. Технологиите се решение за борба против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на даночниот систем и автоматизирање на процесите, истакнала Ангеловска.

На панелот на кој учествуваат и министерот за финансии на Романија Флорин Ситу и главениот економист за Централна и Источна Европа на Уни кредит, Ден Букса се зборувало и за очекувањата за економски раст во земјите од регионот.

Министерката истакнала дека Северна Македонија ги натфрлила проекциите за раст на Меѓународниот монетарен фонд – дури и покрај тоа што Фондот во 2019 година два пати ја зголемуваше проекцијата за раст за земјава. Таа посочила дека годинава се очекува раст на економијата од 3,8 проценти како и дека е подобрена реализацијата на капиталните инвестиции, која во 2019 година изнесува 78 отсто од проектираното, додека реализацијата на инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта изнесува 85 проценти. 

-Со Буџетот за 2020 година издвоивме 385 милиони евра за капитални инвестиции, што претставува 3,2 отсто од БДП и 10 проценти од јавните расходи. Ова е над европските таргети, односно јавните инвестиции во Европската унија учествуваат со 2,7 отсто од БДП и 6 проценти од јавните расходи. Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се издвоени дополнителни 195 милиони евра за инвестиции во патната инфраструктура. Тоа се 580 милиони евра капитални инвестиции, истакнала Ангеловска.