Германската канцеларка, Ангела Меркел денеска имаше разговар преку видео врска со лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија за претстојниот самит на Берлинскиот процес.

Портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт соопшти дека Меркел разговарала со српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, а на 28 јуни и со албанскиот премиер Еди Рама, пренесува Танјуг.

„Во центарот на овие четири разговори беше подготовката на самитот за Западен Балкан – Берлинскиот процес, што ќе се одржи во видео формат на 5 јули, а домаќин ќе биде германската канцеларка“, изјави Зајберт.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива започната од Ангела Меркел во 2014 година, со цел поддршка на мирната, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан и промовирање на регионална соработка и европска интеграција во регионот.

Како дел од Берлинскиот процес досега се одржани пет самити: во Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016), Трст (2017) и Лондон (2018).