За САД и за американската амбасада е важно ваквите процеси да се одвиваат транспарентно и да бидат легални, порача американската амбасадорка Анџела Агелер во врска со предложениот закон за амнестија. Агелер рече дека е запознаена дека законот е влезен во собраниска процедура, но дека не ја знае неговата содржина и им порача на политичките лидери во земјава да ја запознаат јавноста со потребата од негово носење.
– Граѓаните во земјата треба да разберат што се случува и зошто се случува тоа, и нивните избрани лидери да комуницираат со нив, зашто е важно тоа. Ова не е прв закон за амнестија, секако, нема да биде последен и ние одблизу го следиме процесот за да го видиме крајниот резултат – изјави Агелер.
Предлог-законот за амнестија вчера влезе во Собранието без европско знаменце, но по скратена постапка. Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, информираа дека Џафери веќе го доставил до пратениците. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека овој предлог-закон не е правен за личности, туку за дела од помал обем, за да се растоварат пренатрупаните затвори. Овој предлог-закон на министерот за правда Кренар Лога ги подели политичките фактори во земјава, дури и внатре во власта. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се согласува со премиерот Ковачевски и стои цврсто на својот став дека законот за амнестија нема да има ефект. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порача на Спасовски веднаш да ја напушти Владата ако не се согласува со законот за амнестија. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија, ќе го блокираат со амандмани и ќе го напуштат Собранието ако се злоупотреби процедурата. Од Министерството за правда, преку соопштение, порачаа дека таквата вест е „добредојдена“ и дека „немањето став за битни прашања и политиките на блокада подобро се изразуваат со напуштање на Собранието“.
Амандмани од пратеничката група на СДСМ најави и премиерот Ковачевски, доколку со него постои можност да се амнестираат осудени лица за убиството кај Смилковското Езеро, откако дел од медиумите објавија дека предложениот закон за амнестија ги опфаќа и Хаки и Фејзи Азири, осудени за помагање во случајот „Монструм“.
Со новиот закон за амнестија се предлага осудениците на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, сосема да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Министерството за правда соопшти дека со законот се очекува целосно да бидат ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996 осуденици. Во моментов, 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2.813 чекаат да влезат во затвор.
Според најавите, предлогот на законот за амнестија не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право. Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.
Агелер за уставните измени: Лидерите да ја направат вистинската работа
Придвижувањето на земјава кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности, истакна амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, која ги повика „лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјава и за овие деца“. Прашана за став за процесот на уставните измени и за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, Агелер истакна дека е многу важно Македонија да се приклучи кон Европската Унија.
– Тука, денеска, гледајќи ги овие деца, уште поцврсто сум убедена дека е многу важно за оваа земја да биде во Европската Унија. Вие веќе сте дел од Европа и треба да се формализира тоа, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии. Знам дека е тешко, но само погледнете ги овие деца, ние не сме во ЕУ, ние од САД не сме во Европа, но тоа го правите за овие деца да имаат можности и за да сакаат да останат во оваа земја кога ќе пораснат, кога ќе завршат средно училиште, кога ќе одат на факултет. Тие се вашиот пример зошто е важно тоа – рече Агелер.(В.С.Н.)