Амнестијата за „27 април“ останува

51

Уставниот суд не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, додека иницијативата за оценка на членот 2, од истиот закон, е отфрлена, бидејќи веќе е одлучувано по тоа.

Иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и иницијативата за членот 2, од истиот закон, поднесена од адвокат Јошевска-Анастасовска, Уставниот суд ги разгледа како прва точка на денешната втора седница.

Ставовите на уставните судии беа поделени.

Уставниот судија Насер Ајдари, образложувајќи ги иницијативите, рече дека барањата за утврдување на уставност треба да се отфрлат како неосновани бидејќи судот веќе се има произнесено по овој закон.

Според судијата Јован Јосифовски, овие две иницијативи се подробно образложени и треба да се прифатат, особено што тој останува на својот претходен став дека законот е противуставен.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, рече дека негов личен став е дека сите правни норми мора да бидат функционални и дека со давањето вакви закони за вакви настани не се зацврстуваат државните вредности.

Судијата Осман Кадриу, нагласи дека треба да се прифати дека законодавецот не дава амнестија за дела со кои се загрозува интегритетот и суверенитетот на државата.