Амнестијата е готова?

47

Собраниското тело за помирување го финишира предлог-текстот на законот за амнестија. Предлог-законот во собраниска процедура ќе се најде уште в недела, а на пленарна седница, пред пратениците се очеку следната недела, брифираат за Вечер извори од собраниското тело за помирување. Нашите извори потврдуваат дека деновиве се интензивирала координацијата меѓу правните експерти и експертите од Собранието со пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во политичките кругови се шпекулира дека токму законот за амнестија за настаните од 27 април, е пресуден за да се обезбеди потребното двотеринско мнозинство за уставните измени.
Се чини дека ова е најголемиот предизвик за пратениците, со оглед на фактот што до овој момент нема дефинирано како ќе се спроведе процесот на помирување за настаните во Собранието од 27 април минатата година и како би се постигнал внатрешен консензус.

Осумтемина исклучени од ВМРО-ДПМНЕ кои формираа независна пратеничка група неофицијално предлагаат преквалификување на делото терористичко загрозување на уставниот поредок на земјата за директните учесници, и целосна амнестија за индиректните учесници.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму не учествуваат во работата на телото за помирување. Пред десетина дена Собранието го одби Законот за амнестија за учесниците во собраниските инциденти од 27 април, кој дојде на предлог на најголемата опозициска партија. ВМРО-ДПМНЕ со Законот бараше ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од издржување на казната за лицата осомничени, обвинети и осудени за ланските инциденти.