Американска формула за македонскиот гордиев јазол  

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар дојде во Скопје со очекување дека ќе има продуктивни дискусии, како што соопштија од Стејт департментот, но неговата посета уште пред да седнат на маса со него предизвика препукувања помеѓу премиерот Диммитар Ковачевски и лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски. Ковачевски изјави дека го зачудува ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека светот и Европа се свртеле против нив во однос на уставните измени и дека ваквите изјави одат во прилог само на тој што ги кажува. Мицксоки, пак, рече дека во неможност Владата да ги испорача обврските кои ги презела, сега коленичи пред светот и бара да се изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за да остане на власт, но во тоа нема да успее.

2026

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар дојде во Скопје со очекување дека ќе има продуктивни дискусии, како што соопштија од Стејт департментот, но неговата посета уште пред да седнат на маса со него предизвика препукувања помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. Ковачевски изјави дека го зачудува ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека светот и Европа се свртеле против нив во однос на уставните измени. Ковачевски вели дека ваквите изјави одат во прилог само на тој што ги кажува.

-Ставот мене ме зачудува. Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Такво нешто слушавме и во минатото. Се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците, меѓутоа ние после тоа се уверивме дека тоа не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа. Сметам дека една држава која што има стратешко партнерство со САД како ниедна друга земја во овој регион, која што е земја членка на НАТО пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен во политичка кариера на тој што го кажува, рече Ковачевски.

Ковачевски, кој со Ескобар ќе се сретне утре, вели дека сега е време да се донесат одлуките, за кои имаме поддршка од страна и на ЕУ и особено од страна на САД и во таа насока е и посетата на Ескобар.

-Јас ќе имам разговор со него. Тој е исклучително информиран човек во однос на случувањата и на билатерално и на регионално ниво и ќе разговараме токму за национални, билатерални и регионални прашања од интерес на Северна Македонија, посочи Ковачевски и додаде дека уставните измени се исклучително важна одлука за иднината на државата, која што е пред пратениците и која не задира во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ.

По изјавата дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за нејзини пратеници да гласаат за уставни измени, претседателот на партијата Мицксоки и денеска рече дека во неможност Владата да ги испорача обврските кои ги презела, сега коленичи пред светот и бара да се изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за да остане на власт, но во тоа нема да успее, зашто нивните ставови се конзистенти.

 -На состаноците изминатите месеци, ние не читаме поезија, како што веќе имам кажано. Тоа се состаноци на кои аргументирано ја браниме нашата позиција, односно позицијата на огромното мнозинство на македонскиот народ и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ всушност и нема друга опција, треба со факти и аргументи да се спротивстави на криминалните активности на Владата, која не може да испорача сите работи што ги има преземено презела, а со цел да останат на власт уште ден повеќе за да можат да продолжат да крадат.. Тие коленичат пред светот и ја молат меѓународната заедница да доаѓа во Македонија и да ја притискаат ВМРО-ДПМНЕ, да и прават тортура, а со тоа и врз огромното мнозинство граѓани. Но, ќе ги разочам. Уште на 18 август, кога се гласаше дневниот ред, но и претходно, кога на собраниската уставна комисија се гласаше потребата за уставните измени, беше јасно дека власта нема двотретинско мнозинство во парламентот, изјави Мицкоски.

Во однос на можноста за нова лидерска средба за уставните измени, Мицкоски рече дека „на масата нема веќе ништо“, може да се разговара само за предвремени избори, затоа што власта нема кредибилитет и дека не може да одлучува за нешто што 80 отсто од Македонците не го прифаќаат и 60 отсто од жителите на земјата.

Претходно, Мицксоки изјави дека власта сака да ја прикаже посетата на Ескобар како посета на дипломатски булдожер кој е повикан од Владата да врши тортура, но, тој е добредојден да ги слушне нивните аргументи и да ги презентира неговите. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, рече Мицкоски, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници.

Од американскиот Стејт департмент за Гласот на Америка на македонски изјавија дека заменик-помошникот државен секретар Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на земјава.

– Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан, велат од Стејт департментот.

Габриел Ескобар вчера во Скопје се сретна со претседателот Стево Пендаровски, а за денеска на агендата се средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ескобар дојде во Скопје откако процедура за промена на Уставот заглави во македонското Собрание, а спикерот талат Џафери ја одложи собраниската седница на неодредено време, додека власта не обезбеди двотретинско мнозинство за изгласување на промената на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата, што е услов за Македонија да продолжи  по евроинтегративниот пат. (В.С.Н.)